Владата и по блокадата од Бугарија останува на ставот дека за македонскиот идентитет и јазик не треба да се разговара

пред 4 години

Македонскиот идентитет и македонскиот јазик се факт и за тоа не треба да се разговара, брифираат од македонската Влада, и по блокадата на Бугарија за усвојување на преговарачката рамка за почеток на преговорите на Македонија со Европската Унија. Оттаму сметаат дека не е ништо изгубено, а засилената комуникација во идниот период ја гледаат како начин за да се помине и низ оваа препрека.

„Денеска на состанок на КОРЕПЕР (постојаните претставници/амбасадори на земјите членки на ЕУ), кој беше воден од германскиот амбасадор, не беше постигната согласност за усвојување на преговарачката рамка за почеток на преговорите на Северна Македонија со ЕУ, поради тоа што претставникот на Бугарија демонстирал задршка, односно одбил да даде поддршка. Разочарани сме од одлуката на Република Бугарија да не го поддржи усвојувањето на Рамката за преговори за Северна Македонија, што не е во согласност со Договорот за пријателство, добрососедство и соработка од 2017. Ние остануваме посветени на Договорот и уверени сме дека тој претставува одлична рамка за менаџирање на билатералните прашања и нуди механизми за надминување на проблемите. Во таа насока подготвени сме да дадеме појаснувања за да ги отстраниме загриженостите што се појавија во Република Бугарија“, брифираат од Владата.

И натаму се останува на ставот дека македонскиот идентитет не предизвикува никакви претензии за никого, па затоа, нема што да се разговара за него.

„Веруваме дека со засилена комуникација и дополнителен ангажман постојат можности за излезни решенија за да имаме успех за сите нас, за македонската интеграција, за Република Бугарија, за регионот и за Европската Унија. Во спротивно ќе имаме само споделен неуспех со што сериозно ќе биде доведено во прашање проширувањето на ЕУ како нејзин геостратешки интерес. Северна Македонија нема да отстапи од остварувањето на нашата стратешка цел, споделена и прифатена со Европската Унија, да ги отпочне преговорите за членство и продолжува да биде активен учесник во разговорите коишто продолжуваат наредните денови“, брифираат од македонската Влада.

И на следните средби со министрите за надворешни работи и министрите за Европска Унија на земјите членки, македонската Влада ќе им ги предочи аргументите за да се надмине оваа ситуација.

Scroll to Top