Владиниот тим за евроинтеграции на координација за проблемот со Бугарија

пред 3 години

Мислам дека изборите се несоодветен момент за решавање на вака политичко сензитивни прашања, посебно прашања во коишто барем нашата страна не може да утврди каде е проблемот, изјави денеска премиерот Зоран Заев одговарајќи на новинарско прашање до каде сме во решавањето на отворените прашања со Софија и дали смета дека тоа е можно до март пред парламентарните избори во Бугарија.

– Јас често кажувам, не можам да го сфатам проблемот. Јас можам да сфатам стојалишта, да разговараме дури и за минатото зошто не. Минатото е пред се на историчарите, ние политичарите треба да ја отвараме иднината, но тоа дефинитивно не значи дека не треба да правиме напори одма, веднаш, рече Заев.

Затоа денеска, како што информира, закажал координација заедно со министерот за надворешни работи, советниците за надворешни работи во Владата, како и вицепремиерот за европски прашања, и работната група која преговара за да може уште еднаш да ги заклучат сите досегашни состојби до каде сме дојдени и да ја изградат уште еднаш стратегијата како да пристапат соодветно.

– Јас разменив пораки и честитки со сите премиери за да си ја честитаме новата година, секако и со претседателот на Владата на Република Бугарија. Верувам дека добрата соработка и однос, редовната комуникација можат да бидат само предност за изнаоѓање на решение на секое прашање пред кое е исправена нашата земја, порача Заев.

Во однос на поставување нов амбасадор во Португалија, Заев рече дека не знае точно до кога е мандатот, но како што истакна, ќе даде поддршка, бидејќи во моментов, за време на португалското претседателство, како што рече, се потребни луѓе кои ќе работат активно и ефективно на надминување на проблемот кој го имаме на патот на евроинтеграциите.

Scroll to Top