Властите се договорија дека треба да почнат да го спасуваат Преспанското Езеро

пред 4 години

На работна средба, министерот за животна средина и просторно планирање Насер Нуредини и градоначалникот на општина Ресен, Живко Гошаревски, денеска ги разгледале можностите за забрзување на активностите на национално и на меѓународно ниво поради алармантната состојба со Преспанското Езеро.

Граѓани од преспанскиот регион и еколошки активисти деновиве укажуваат на тоа дека водостојот на езерото е драстично намален, а велат дека ни најстарите локални жители не паметат езерото да било толку повлечено.

Министерот и градоначалникот се согласиле дека со оглед на спецификата на Преспанското Езеро, чии води ги делиме со Грција и Албанија, како и неговата уникатна природа и поврзаност со Охридското Езеро и реката Црн Дрим, потребен е комплексен пристап, заснован на научни сознанија.

– Договорено е итно да се стави во функција работната група за чие формирање изминатиот период од страна на МЖСПП се направени консултации со повеќе засегнати страни, пред се стручните лица во областа, како и претставниците на општините и невладините организации со докажани резултати во Преспанскиот регион, информираат од Министерството.

Исто така, договорено е истражување и вклучување на земјоделскиот сектор кој има потенцијално големо влијание во овој регион.

– Во таа насока, веќе е иницирано вклучувањето на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, за што е договорена и заедничка посета на Преспа наредната недела, се вели во соопштението од МЖСПП.

Клучен фактор за успешно справување со прашањето, посочуваат од МЖСПП останува интензивирањето на активностите за завршување на процесот на формирање на трилатералниот комитет за Преспа Паркот, за кој штотуку беа номинирани членовите од македонската и грчката страна, а номинацијата од Албанија е во тек. Министерот се заложи за поинтензивна комуникација со неговите колеги од двете држави поради побрзо отпочнување на прекуграничната соработка за заштита на Преспа.

Извор: a1on.mk

Scroll to Top