ВМРО-ДПМНЕ: Заев е срам за државата, после вакви антидржавни ставови оставката е неминовен чекор

пред 3 години

„Заев е срам за државата, после вакви антидржавни ставови оставката е неминовен чекор. Нема Македонец кој не се срами од додворувањето на Заев кон бугарската влада на штета на македонските интереси.

Зоран Заев го продава македонскиот идентитет, јазик и историја. Зоран Заев се откажа од Гоце Делчев црвената линија на македонскиот идентитет“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.

„Од среде Скопје Заев кажа дека бугарите биле ослободители во втората светска војна, и со тоа ги израмни македонските партизани со бандити.

Зоран Заев се откажа и ја погази жртвата на Орце Николов, Раде Јовчевски Корчагин, Стив Наумов, Вера Јоциќ, Борка Талески, Методија Андонов Ченто, и плејада други знајни и незнајни јунаци кои животот го положија за слободна Македонија.

Македонското малцинство во Бугарија е предадено и продадено од Заев. Заев ги урнисува темелите на македонската држава и нејзината најголема победа АСНОМ.

Зоран Заев не треба да чека народот да го смени, бидејќи тоа ќе се случи, туку сам уште веднаш да си даде оставка“, соопштуваат ВМРО-ДПМНЕ.

Scroll to Top