ВМРО-ДПМНЕ: Заев наместо врз Бугарија, прави притисок врз историската комисија

пред 3 години

Заев наместо врз Бугарија прави притисок врз историската комисија, смена на членовите е со намена на притисок за прифаќање на ново предавство, велат од ВМРО-ДПМНЕ.

„Нетранспарентното менување на членот на историската комисијата со Бугарија од страна на Заев е обид за замолкнување на вистината. Заев го замолкнува секој обид за спротивставување кон неговите политики и го деградира сечие мислење и критика насочено кон обелоденување на историските факти. Со отстранување на членот на комисијата, Заев сака да ја претвори оваа историска комисија како и секоја друга институција во државата каде има свои послушници. Наместо да се штити професионализмот и националните интереси, премиерот предавник на својот народ и држава сега повторно ќе ја менува историската стварност во полза на Бугарија, за да си ги задоволи своите сметки и бизниси“, се наведува во соопштението.

Од ВМРО-ДПМНЕ обвинија дека Заев безобразно лаже за смената на членот на комисијата кој, како што велат од партијата, беше критички настроен, а со тоа прави дополнителен притисок кон останатите членови, за казната која би ја добиле.

„Целта е јасна да се потпишат и да се согласат сите членови на се што ќе каже деспотот Заев, за да може да се пазари со идентитетот. Повеќе од три месеци Владата молчи за Анексот и за неговата содржина, која претставува нова капитулација за Македонија и одрекување од идентитетските обележја и историските вистини. Факт е дека историскиот ревизионизам на власта се спроведува по секоја цена, не бирајќи средства и начини. Секое премолчување и сокривање на вистината како непојавувањето на Димитров во македонското собрание, Заевата рамнодушност и неартикулисаност кон идентитетските прашања и тајните договори со Софија ќе бидат повторно погубни за националните интереси, затоа што очигледно дека пазарот со историјата, политичките калкулации и притисоци се поважни за бизнис“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.

Scroll to Top