Во Битола се одржа литературно читање „Конески“

пред 3 години

Македонско научно друштво-Битола и Педагошки факултет при Универзитетот „Св.Климент Охридски“ одржаа литературно читање со наслов „Конески“ посветено на 100-годишнината од раѓањето на академик Блаже Конески.

Со организирањето на ова литературно читање се реализираа две основни начела на Факултетот и на Друштвото, чествување на Конески и афирмација на македонскиот стандарден јазик, истакнаа деканот на Педагошки факултет, проф. д-р Добри Петровски и претседателката на Македонско научно друштво-Битола, доц. д-р Невена Груевска.

Пред академската јавност во овој град, учесниците потсетија на „Тешкото“, безвременските „Стерна“ и „Везилка“, одбрани стихови кои Конески ги посветил на Крали Марко, а беше прочитан, како што рекоа, аманетот на Конески – „Јазикот е единствената наша татковина. Сè додека го чуваме, го негуваме, го вардиме, го гледаме јазикот наш македонски – ќе може да сметаме дека ја имаме и татковината. Како куќа, како дом, како огниште“.

Македонско научно друштво-Битола годинешната, годишна програма на Друштвото ја посветува на академик Конески, и ќе продолжи со јавни настани во чест на големиот јубилеј, потврди доц. д-р Невена Груевска, претседател на МНД-Битола.

Scroll to Top