Во Гостивар започна тестирањето со брзи тестови за Ковид-19

пред 3 години

Изминатото деноноќие во Гостивар се направени 20 брзи тестови за Ковид 19 од пристигнатите 250 антигени тестови. Со нив се добиваат резултати за помалку од половина час и имаат точност од над 95 проценти.

Првичната локација за тестирање во објектот на „Трудова медицина“ е заменета заради поголема безбедност. Брзото тестирање се врши во специјалистичката лабораторија во близина на Здравствениот дом во Гостивар.

Раководителот на лабораторијата Абдулкадир Алији изјави дека брзиот тест се врши во временски интервал од два часа и со упат од матичен лекар преку системот „Мој термин“.

– Првичната локација за тестирање ја сменивме, бидејќи условите во „Трудова медицина“ не се адекватни кога станува збор за безбедност на пациентите. Во тој објект доаѓаат лица на кои им е потребна лекарска контрола за друг вид потреби. Така од денес тестирањата ги правиме во нашата лабораторија во период од 15 до 17:30 часот, вели Алији.

Според него, во наредниот период постапката за брзо тестирање нема да наиде на тешкотии кои првично се појавија со креирањето упати.

– Очекуваме наредните денови упатите и барањата од матичните лекари да бидат посоодветни. Во постојан контакт со нашите лекари им даваме насоки од нашиот домен како да ги креираат, вели Алији.

Посочува дека брзиот тест има предности, бидејќи позитивните пациенти може да одат во изолација за половина час од позитивниот исход со што се намалува можноста за контакт со други лица.

Брзото тестирање на анти гени започна минатата недела во организација на Министерството за здравство. За овој вид тестирање, во Гостивар направен е тим кој претходно беше на обука на скопските клиники.

Scroll to Top