Во седиштето на УНЕСКО во Париз утре ќе се чествуваат 100 години од раѓањето на Блаже Конески

пред 3 години

Во седиштето на УНЕСКО во Париз, Франција, утре ќе се одржи настан во чест на 100-годишнината од раѓањето на великанот на македонската култура Блаже Конески, јубилеј кој е дел од календарот на важни меѓународни јубилеи на УНЕСКО.

Како што соопшти Министерството за култура, во рамките на настанот, со кој се прославува и Светскиот ден на поезијата – 21 Март, ќе биде соопштен лауреатот на годинашното, 60. издание на „Струшките вечери на поезијата“, како и добитникот на наградата „Мостови на Струга“, која се доделува во соработка со УНЕСКО.

По тој повод, со видеопорака ќе се обратат министерката за култура Ирена Стефоска и претседателот на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски.

Настанот е дел од Националната програма „2021 – Година во чест на Блаже Конески”, која се реализира под покровителство на претседателот Пендаровски, Министерството за култура, во соработка со Министерството за образование и наука.

-Со организирањето на овој настан, се враќа некогашната традиција со која одбележувањето на Светскиот ден на поезијата и соопштувањето на добитникот на „Златен венец“, највисокото признание на Струшките вечери на поезијата, како и на добитникот на „Мостови на Струга“, награда за најдобра дебитантска поетска книга под покровителство на УНЕСКО, се реализираат токму во Париз, во седиштето на оваа престижна Организација за образование, наука и култура при Обединетите нации, стои во соопштението од Министерството за култура.

Scroll to Top