Груби: Еднаквоста е основата со која треба да ги градиме модерните политики

пред 3 години

Еднаквоста во сите сфери во животот е основата со која треба да ги градиме модерните политики на иднината, рече вицепремиерот и министер за политички систем и односи меѓу заедниците Артан Груби на денешната панел дискусија „Права на припадниците на заедниците – состојба, трендови и предизвици“, по повод 10 Декември- Меѓународниот ден на човековите права.

Тој вели дека често се дебатира за правата на заедниците и пристапот низ призма на бројките и на процентите, меѓутоа како што нагласи, тој не ги гледа луѓето и нивните права како статистика.

– Бројките само треба да ни бидат показатели дека ова општество е мултиетничко. За мене сите граѓани на Република Северна Македонија се еднакви, рече Груби, додавајќи дека во земјава постојат уставни и законски механизми и државни институции за заштита на човековите права.

Според него, Охридскиот договор претставува осврт на етничките права, не само кај Албанците, туку кај сите останати, вклучувајќи ја и македонската заедница. Односите меѓу етничките заедници во визијата на Министерството и Владата, како што посочи, се тема на иднината и веруваат во рамноправно општество за сите.

Груби информира дека започнале да работат како Министерство во неколку области, односно прво унапредувањето на правичната застапеност давајќи елементи на вертикалното и хоризонтално застапување, како и за употребата на јазиците. Информира дека освен законските промени, со Агенцијата за употреба на јазиците работат на создавање акциски план кој ќе трае три години со активности овој проект да биде поуспешен.

Шефот на Делегацијата на Европската Унија Дејвид Гир нагласи дека особено внимание треба да се посвети да се остварат правата на помалите заедници.

– Потребни се политички активности за да се премостат јазовите помеѓу етникумите. За ова се потребни соодветни, адекватни, човечки и финансиски ресурси. Очекувам дека денешниот настан ќе даде темелна анализа на ситуацијата и на кој начин најдобро да ги решиме овие прашања. Европската Унија е спремна да им помогне на сите напори што ќе доведе кон поголема заштита на човековите права, рече Гир.

Овој ден, посочи тој, мора да ја пренесеме пораката дека еднаквоста, правдата и слободата кои помагаат да се спречи конфликтот и да се постигне мир. Ова, додаде, не е порака само за човековите права, туку треба да биде темел на нашата секојдневна работа.

Панел дискусијата беше организирана од на Агенцијата за остварување на правата на заедниците (АОПЗ), преку проектот „Зајакнување на демократијата преку унапредување и заштита на правата на заедниците„ кој е финансиран од страна на ЕУ.

Scroll to Top