Даштевски се уште го брани Груевски: Што е спорно ако сум гласал дека е дискриминиран?

пред 3 години

Поранешниот претседател на Комисијата за антидискриминација, Александар Даштевски смета дека е уште покомпетентен да биде претседател на Државната изборна комисија поради неговото претходно искуство. Тој и натаму стои на ставот дека експремиерот, сега бегалец, Никола Груевски бил дискриминиран од судијката Добрила Кацарска. За таквата одлука на комисијата, Даштевски вели дека гласале пет членови, а не само тој, што значело дека и без неговиот глас исходот ќе бил ист. За тоа дека ќе биде предлог за иден претседател на ДИК, дознал во петокот, кога било соопштено и на јавноста.

„Предложен сум од опозицијата. Кога го видов конкурсот, конкурирав. Документите се поднесуваат во политичките партии бидејќи тие предлагаат. И видов дека опозицијата ме предложила мене. Не знам дали ќе ме изберат. Не сум песимист, него она, ‘прво скокни па кажи оп’, да видиме на папир. Јас во ДИК сум бил три години, а тоа не се коментира. Јас трипати сум бил во општинска изборна комисија, сум учествувал двапати на претседателски избори. Цел живот ми е посветен на тоа. Уште покомпетентен сум за оваа позиција, отколку за онаа претседател на Комисија за антидискриминација иако е тема на која јас имам докторирано“ вели Даштевски за „А1он“.

Тој вели дека нема простор да се зборува за одлуката со која Груевски е прогласен за дискриминиран, иако тој документ издаден од државна институција му послужи да добие азил во Унгарија. Според Даштевски, поважна е неговата лична биографија: „Европското тело за еднакви можноста ме има бирано двапати во Телото за изедначување на постапките на сите комисии во Европа. Две години бев во Комисијата за изедначување на правото. Но, тие работи никој не ги споменува“.

„Дали Груевски бил дискриминиран или не, не е важно за мојот избор во Собрание. Јас немам врска со таа одлука, таа одлука е со гласање од комисија. 5:1 е резултат, а за да биде валидна треба четворица да гласаат. Мене што ме прават супермен, тоа е глупаво. Тој е исти како секој граѓанин, врз основа на докази кои беа предложени, се гласаше и се донесе таа одлука од комисијата. Не сум јас единствен кој гласал. Глупаво е да се тврди дека јас сум овозможил. Што е спорно ако сум гласал дека е дискриминиран, тој поднел, сме ги разгледале документите. Одлуката е донесена врз основа на докази. Тој бил две недели држен од 10 часот наутро до 10 часот навечер во суд, па се закажал завршен збор во 10 часот сабајле. Тоа било две недели. Двајцата адвокати кажуваат дека имаат расправа, судијката не се согласува на одложување за три дена за да се спремат. Врз основа на членот 6 од Европската конвенција за почитување на човекови слободи и права, на обвинетиот мора да му се даде време да подготви одбрана и тој е повреден. Има и други наводи дека бил навредуван, не му давала сведоци да вика итн, но не сме сакале да се мешаме. Предметот не беше кај мене. Не се мешаме, нека го осудат, но треба да има еднаков третман како сите други обвинети. Тој сигурно ќе поднесе и до Стразбур, па таму ќе видиме што ќе одлучат“, додава Даштевски за „А1он“.

Даштевски е предлог на ВМРО-ДПМНЕ за претседател на Државната изборна комисија, откако Собранието распиша оглас за нов состав. Мандатот на актуелниот состав истекува на крајот на овој месец.

Scroll to Top