Делегација на ДОМ положи цвеќе пред споменикот на Св. Климент Охридски

пред 3 години

За сесловенската писменост и култура едно од најзначајните имиња е Св. Климент Охридски, еден од најистакнатите ученици на браќата Св. Кирил и Методиј, кој живеел и творел во 9 век и бил еден од создавачите на кириличното писмо, кое е основа на современата македонска азбука, покровител на образованието и јазикот, велат по повод денешниот празник од партијата Демократска обнова на Македонија (ДОМ).

„Осми декември е македонски државен празник, ден кога се чествува Св. Климент Охридски, еден од првите словенски светци, научник, писател и просветител на Словените. Тој е и првиот словенски епископ и основач на Охридската книжевна школа, попозната како Прв словенски универзитет, што бил извор на многу народни учители, црковни службеници и проповедници“, се наведува во партиската порака.

По повод овој празник, делегација на Зелената партија ДОМ, во состав Христина Оџаклиеска и Емил Крстески, членови на Извршниот одбор на ДОМ, положи свежо цвеќе на споменикот на Св. Климент Охридски во Скопје.

Scroll to Top