Заев за Денот на албанска азбука: Јазикот е дел од генетскиот код на еден народ

пред 3 години

Јазикот и негова соодветна азбука се дел од генетскиот код на еден народ и се произлезени од универзалното право на самоопределување. Во тој генетски код се елементите на идентитетот и потенцијалите за комуникација, општествена интеграција, за образование и развој.Наша должност, должност на државата е да ги почитува, чува и негува посебностите на јазикот и писмото на секоја нејзина заедница – вели премиерот Зоран Заев во честитката по повод Денот на албанската азбука.

Заев порачува дека чествувањето на Денот на албанската азбука ја потврдуваме заедничката определба за почитување и за унапредување на етничката и културната разноличност, односно богатството на Република Северна Македонија.

„Градиме едно и единствено, општество еднакво за сите. Градиме граѓанско општество, истовремено со почит кон етничките, националните, верските и културните разлики. Тоа е посебноста и суштината на нашето заедништво кое се градеше со векови, што претставува обврска за нашата заедничка иднина.

Затоа сме горди, и затоа етничката и јазичната разноличност ги сметаме за наша предност. За наше заедничко богатство. Затоа велиме: Кога денеска го одбележуваме и славиме Денот на албанската азбука, заеднички го прославуваме и постоењето и зближувањето на две културни традиции кои опстојувале заедно.

Тоа е силен доказ дека јазикот и писмото се мостови до другите традиции, култури и духовни наследства. Тоа се клучевите што ги отвораат портите на другите светови за да се запознаваат, почитуваат и да се помагаат едни со други“ – вели Заев.

Scroll to Top