Заев за софтверот на Рашковски: Набавен е законски и наскоро треба да биде пуштен во употреба

пред 3 години

Софтверот за сообраќајни прекршоци е регуларно набавен, преку јавна набавка, авторските права за него се во сопственост на Владата, а за тестирањето е известено Бирото за јавна безбедност, рече од собраниската говорница премиерот Зоран Заев, како одговор на пратеничко прашање на Александар Велјановски од ВМРО-ДПМНЕ, за софтверот којшто го набавил поранешниот генерален секретар во Владата, Драги Рашковски, со вредност од 81.000 евра.

Премиерот посочи дека Јавното обвинителство и Антикорупциската комисија се обратиле до Владата и оти службите имаат наредба да постапат по сите информации и процедури за целата набавка на софтверот, оценувајќи дека отчетноста и транспарентноста е целосно дел од работењето на Владата.

„Должен сум да информирам дека софтверот за сообраќај е набавен низ регуларна јавна набавка. Авторските права се во целосна сопственост на Владата и за тестирањето е известено Бирото за јавна безбедност. Генералниот секретар, согласно закон и согласно деловник, има право да прави анализи и да ги доставува до министерствата“, истакна Заев.

Премиерот посочи дека софтверот е изработен од Факултетот за информатички науки (ФИНКИ) и Друштвото „Инвока“ ДООЕЛ Скопје и е целосно оспособен и тестиран, а додаде дека ќе биде ставен во функција кога за тоа ќе се извршат потребните синхронизации со базите на податоци од институциите.

Заев сепак повика и јавно да се соопштат сите детали од истрагата на Јавното обвинителство и Антикорупциската, во врска со оваа јавна набавка.

Во однос на постапката „Леонардо“, во која исто така се споменуваше името на Рашковски, Заев истакна дека е завршена со целосна истрага во која е утврдено дека јавната набавка на радарскиот систем и сите претходни постапки се завршени за време на власта на ВМРО-ДПМНЕ, кога директор, како што рече премиерот, бил таткото на поранешниот министер за надворешни работи, Никола Попоски.

Во однос на прашањето за компанијата „Јелак градба“ на црногорскиот бизнисмен Миодраг Давидовиќ Дака која го откупила имотот и добила решение за приватизација на градежно земјиште на влезот на Тетово, Заев повтори дека целата постапка е транспарента и единствените пари што се споменуваат, како што истакна, се пари дадени за време на ВМРО-ДПМНЕ.

Scroll to Top