Заев на Тиранскиот економски форум: Никогаш нема да разговараме за она за што не може да се разговара

пред 3 години

Европската Унија да ги исполни ветувањата за Западен Балкан, порача претседателот на Владата, Зоран Заев, кој денеска учествуваше на утринскиот панел на Тиранскиот економски форум 3 на темата „ЕУ и Западен Балкан: исполнување на долго очекуваните ветувања“, кој заради пандемијата со Ковид-19 се одржа онлајн.

Заев рече дека Македонија била првата земја од регионот која го потпишала Договорот за стабилизација и асоцијација во 2001 година. Само 4 години подоцна стана и земја кандидат на членство во ЕУ, а веќе во 2009 ја доби и првата позитивна препорака за отпочнување на преговори со ЕУ. Сепак, 16 години подоцна, се уште сме во чекалната на ЕУ, вели Заев.

Премиерот истакна дека неговата задача е да носи тешки и храбри одлуки, во интерес на граѓаните. Затоа, пред 4 години беа отворени најгорливите дипломатски прашања со нашите соседи и затворени во духот на добрососедството, современата мултилатерална политика и желбата за обединет регион кој просперира храбро напред.

Заев вели дека Северна Македонија е крстосница на многу цивилизации, на многу етиникуми и на многу културолошки вмрежувања, но политичкиот екосистем е ранлив бидејќи граѓаните не може да продолжат да живеат само со идеја, туку неопходна е храбра политичка акција.

„Северна Македонија никогаш немала друг интерес освен мирно и достоинствено да кохабитира со своите соседи и со сите нации и етникум во Европа. Но, да бидам кристално јасен и да го повторам уште еднаш ставот на Владата. Ние никогаш нема да си дозволиме да разговараме за она за што не може да се разговара. А тоа е кои сме, кои се нашите идентитетски атрибути и која е генезата на нашата државност и јазик“, порача Заев.

Тој им се заблагодари на комесарот Оливер Вархеjи и сите политички и административни чинители кои се активен дел од процесот, посебно околу помошта која ни била дадена и која допрва треба да стигне во справувањето со економските последици кои ги доживеавме заради кризата со Ковид-19.

Заев  истакна дека Владата ред три дена го усвои планот: „Европа дома“. Со овој план, рече Заев, ние јасно и гласно декларираме што оваа Влада ќе прави во однос на евроинтеграциите и процесите кои истата ги носи.

„Независно од расположението во соседството или во Брисел, ние сме посветени на доброто на нашите граѓани. Ги земаме најдобрите европски практики и ги вткајуваме во националното ткиво“, рече Заев.

Премиерот повтори дека Северна Македонија го заслужува местото во Европската Унија и дека природно припаѓа во европското семејство народи.

На панелот зедоа учество и премиерката на Србија Ана Брнабиќ, претседавачот на Советот на министри на Босна и Херцеговина Зоран Тегелтија и еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји.

Scroll to Top