Заев со апел до граѓаните: Не замижувајте пред кои било форми на дискриминација

пред 3 години

Светскиот ден на човековите права оваа година се одбележува под мотото „Да закрепнеме на подобро – Да застанеме сите за човековите права“ и во фокусот се човековите права во време пандемијата со КОВИД-19, како и во пост-ковид периодот на закрепнување од последиците, објави премиерот Зоран Заев на својот Фејсбук профил.

Тој потенцира дека кризата КОВИД-19 нѐ поттикна со уште поголемо внимание да се посветиме и на политиките за запирање на продлабочувањето на сиромаштијата и на еднаков пристап до правото на здравствена заштита.

Да креираме и имплементираме мерки, напиша тој, за подобар, поотпорен, праведен и одржлив општествен систем кој, како што вели, се грижи за сите подеднакво без исклучок.

Заев упати апел до сите сограѓани да не замижуваат пред кои било форми на дискриминација и да ги алармираат институциите, особено појавите на зголемен број на семејно насилство во овој период на пандемија.

– Гласноста на жртвите и соодветните санкции за насилниците мора да бидат загарантирани и обезбедени, а институциите да ја пружат потребната заштита од насилниците и да ги заштитат жртвите. Овој ден фрла светлина и на меѓународните документи и конвенции кои го определуваат правото на самоопределување на народите како основно човеково право на секој граѓанин припадник на тие народи. Во Декларација за начелата на меѓународното право и за пријателските односи и соработка на државите на Обединетите нации 1970, која е во склад со Повелбата на ОН, „создавањето слободни и независни држави, слободното здружување и интегрирање со некои независни држави, или воспоставување било каков друг политички поредок, кој што еден народ слободно би го избрал, претставува за тој народ право на негово самоопределување“, наведува Заев на ФБ статусот.

Оваа Декларација, напиша тој, вклучително и Повелбата на ОН е во хармонија и со Универзалната декларација за човекови права, Европската конвенција за човекови права и Рамковната конвенција за заштита на национални малцинства на Советот на Европа, кои утврдуваат дека сите народи имаат право на самоопределување и врз основа на тоа право, тие слободно одлучуваат за својот политички статус и во полна мерка се развиваат економски, општествено и културно.

Scroll to Top