За вакцинирање против Ковид – 19 на лицата со алергии ќе одлучуваат матичните лекари

пред 3 години

Матичните лекари ќе бидат првиот филтер и за најавената вакцинација против Ковид – 19. Вакцинацијата ќе се закажува преку системот „Мој термин“ , а граѓаните од матичните лекари треба да побараат совет за тоа дали треба да ја примат вакцината доколку имале алергии на храна или какви било други производи.

„Сите дилеми околу здравствените проблеми граѓаните треба да ги расчистат со матичните лекари. Со право се во недоумица лицата кои имаат алергија на храна или каква било друга алергија. Тие кај матичните лекари треба да побараат совет околу тоа дали и со каква вакцина за заштита од Ковид – 19 може да бидат вакцинирани. Се што јас би кажала би било генерализирање во однос на алергиите и вакцинирањето. За секој случај поединечно ќе одлучуваат матичните лекари оти пред нив стои здравствениот картон и ја имаат предвид целокупната здравствена состојба на секој поединец. Во тек се обуки за вакцинирање на матичните лекари, тие ги добиваат сите неопходни насоки во однос на вакцинирањето“, вели Александра Грозданова, претседателката на Комитетот за имунизација и професорка на Фармацевтскиот факултет.

„За секој случај поединечно ќе одлучуваат матичните лекари оти пред нив стои здравствениот картон за секој пациент“, вели Александра Грозданова, претседателка на Комитетот за имунизација

Таа уверува дека на вакцинација ќе работат искусни тимови кои добиле дополнителни обуки за Ковид – 19 вакцините.

„Тоа што се уште не стигнале вакцините значи дека ние ’купивме’ уште еден месец за подготовка. Планот за вакцинирање беше направен во декември, голем дел од вакциналните пунктови веќе имаа обуки, а обуките ќе продолжат и во следниот период“, објаснува

Од Министерството за здравство објаснуваат дека секој вакцинален тим ќе има лекар и сестра. Не кажуваат колкав е бројот на вакциналните тимови, но и тие уверуваат дека во сите пунктови работат искусни здравствени работници.

„За вакцинација на граѓаните ќе се користат постојните вакцинални пунктови во здравствените домови низ државата, болници и други здравствени капацитети, бидејќи таа инфраструктура е добро поставена и функционира. Секој здравствен дом достави извештај по направен увид во човечки капацитети со кои располага како и задолжителна проверка на техничките капацитети и нивната функционалност. Исто така секој здравствен дом има назначено одговорно лице за координација и организација на Ковид-19 вакцинацијата“, велат од Министерството за здравство.

Според Националниот план за Ковид – 19 вакцинација, први ќе ја примат вакцината здравствените работници кои работат со пациенти заболени од Ковид – 19 и лицата над 70 години, како прва фаза од вакцинацијата. Во втората фаза, во зависност од тоа како ќе стигнуваат вакцините, се лицата од 65 и повеќе години, заедно со матични лекари, итни служби, полиција, војска, а во оваа група се и дел од вработените во Влада и Собрание, неопходни за функционирање на државата. Во третата група се сите останати граѓани.

Од Министерството велат дека имаат готов список со 14.000 лица со име и презиме на здравствените работници кои први треба да ја примат вакцината. Иако минатата недела од Министерството објаснуваа дека лицата што прележале Ковид – 19 нема потреба да бидат вакцинирани, сега велат дека, согласно последните насоки за заштита од Ковид – 19, единствена контраиндикација за вакцинацијата е постоење на некаков симптом на болеста, во тој случај лицето не се вакцинира.

Не смеат да ја примат вакцината и лицата кои имаат алергија на некоја од компонентите што ги содржи вакцината.

Првата фаза од вакцинацијата, која не опфаќа масовна вакцинација, здравствените власти очекуваат да почне месецов.

Scroll to Top