Изложба на фотографии од Милчо Манчевски во Музејот на современа уметност

пред 4 години

Утревечер, во 20 часот, во Музејот на современата уметност Скопје ќе биде отворена изложба на фотографии „Таму“ од Милчо Манчевски, а притоа ќе биде промовирана и книга фотографии под ист наслов, на издавачката куќа „Антолог“.

Во книгата и изложбата се избрани 88 колор фотографии, создавани во период од десет години по улиците на Индија, Њујорк, Виетнам, Русија, Македонија, Тајван, Куба, Турција, Црна Гора, Тексас…

„Ги сликам оние моменти што улицата и луѓето ги нудат. Јас сум тука да им бидам на услуга, и да ги артикулирам визуелно. Мигот станува вечност поради уметничката обработка – композицијата, боите, тактилноста… Немам агенда, едноставно го земам фотоапаратот секој ден и шпартам по улиците, каде и да сум во светот. Фотографијата се слика со затворена уста – не мораш ништо да објаснуваш“, вели авторот.

„Таму“ го надградува и го проширува досегашниот опус на фотографски дела на Манчевски, „Улица“ и „Пет капки сон“ кои исто така беа изложени во МСУ, а потоа патуваа во Њујорк, Шангај, Москва, Стокхолм, Софија, Италија, Франција, Доминиканската Република, Србија, Грција, Хрватска…

„Уметничкиот пристап на Милчо Манчевски кон создавање слики постојано ги поместува границите и ги избегнува конвенциите. Во „Таму“, тој нѐ води на патување кое е исто толку за чинот на гледање, колку и за сетилното искусување на местото“. Вака пишува во предговорот на книгата, ирскиот уметник и декан на Колеџот за уметност „Бурен“, Конор Мекгрејди, кој понатаму вели:

„Во овие проекти визуелната текстура на урбаниот живот се манифестира низ композициска и наративна игра, и овој динамичен и експериментален пристап кон создавање слики го обликува „Таму“. Бојата е клучен слој што ги дефинира овие дела. Избива од полиња урбано сивило, ја заситува перспективата на сликата или функционира како централен елемент во композициски колаж. „Таму“ ги отфрла границите – географските, формалните и другите. Како таква, „Таму“ може да биде каде било, и на крајот е секаде“.

Книгата „Таму“ е мултимедијален книжевно-уметнички проект и ќе биде достапна за продажба веќе од 1 октомври.

Со „Таму“, Манчевски го промовира новиот хештаг #никропнифотошоп (#nocropnophotoshop) со кој посочува дека неговите фотографски дела, не се ниту кропирани, ниту манипулирани во пост-продукција. Тие се моменти на уличното секојдневие естетизирани во мигот на улов.

Scroll to Top