И Заев како Филипче, рече ќе се вакцинира прв по министерот за да даде личен пример, но денес вели ќе чека ред преку системот

пред 3 години

Премиерот  Зоран Заев и министерот за здравство Венко Филипче ќе чекаат ред за вакцинација преку системот за пријавување. Двајцата, пред да стигнат вакцините, изјавуваа дека ќе се вакцинираат меѓу првите за да дадат личен пример и да ги охрабрат граѓаните, но откако почнаа да пристигнуваат вакцините, место да го исполнат ветеното, наоѓаа различни оправдувања зошто не го прават тоа.

Денес премиерот Заев, откако стигна нова пратка од вакцината „Спуник В“ извести дека заедно со семејството, пријателите и колегите ќе се вакцинира со онаа вакцина која ќе ја има во моментот кога ќе стигнат на ред.

„Моја обврска, должност, но и чин како човек е да испратам порака до сите наши граѓани, да влезат комплетно во системот на масовна вакцинација. Јас како претседател на Владата се пријавив во механизмот за онлајн пријавување за вакцинација. Владата и министрите го направија истото. Апелирам до граѓаните да се пријават за да им олеснат на здравствените служби да имаат појасна евиденција и да го спроведат прецизниот здравствен протокол. Вакцината е здрава. Сите вакцини се секако здрави, проверени, меѓународно тестирани. Јас верувам во сите вакцини. Сакам да го охрабрам нашиот народ оти ако има какви било проблеми, тоа ќе се појави, ќе се знае. Треба да ја прифатиме секоја вакцина, согласно редот и протоколот за вакцинација. Јас ќе почнам од себе, од моето семејство. Кога ќе дојдеме на ред јас лично, моето семејство моите колеги од Владата, која вакцина е тогаш за давање, за вакцинирање, таа вакцина ќе ја примиме“, рече премиерот Заев.

„Веројатно прв треба да биде министерот Филипче, а јас ќе бидам прв по министерот за вакцинирање откако ќе поминат на ред оние што имаат приоритет“, рече премиерот Заев во јануари, годинава.

Тој уверува дека ниту еден министер не се вакцинирал досега, како што обвинува опозицијата.

„Најодговорно тврдам, гледајќи го нашиот народ во очите преку камерите, нормално дека ниту еден министер, вклучително и министерот за здравство, кој е здравствен работник, нема примено вакцина“, тврди премиерот Заев.

Во јануари, годинава, известувајќи за набавката на вакцините, премиерот Заев, прашан кој прв од функционерите ќе се вакцинира за да даде личен пример за граѓаните, рече дека прв треба да биде министерот Филипче, а веднаш по него ќе биде тој.

„Прво треба да се вакцинира здравствената комисија, нашите херои лекари, медицински сестри, здравствениот персонал, потоа хронично болните, повозрасните, па семејствата што изгубиле член од семејството. Веројатно прв треба да биде министерот Филипче, а јас ќе бидам прв по министерот за вакцинирање откако ќе поминат на ред оние што имаат приоритет. Јас сум еднаков со другите и ќе дадам личен пример за граѓаните час поскоро да се вакцинираме. Јас, моето семејство и роднините ќе се вакцинираме“, рече премиерот Заев.

И министерот за здравство изминативе месеци постојано зборува дека ќе се вакцинира. Кога беа договорени кинеските вакцини, министерот Филипче рече дека ќе се вакцинира со првата вакцина која ќе стигне во земјава. Место кинеските, како што се очекуваше, први стигнаа вакцините на „Фајзер“, а министерот не се вакцинираше со објаснување дека не сака да им го земе редот на здравствените работници и најави дека ќе се вакцинира кога ќе стигне втората пратка вакцини. Но, стигна  и втора пратка од вакцините на „Фајзер“, стигна и руската вакцина „Спутник В“ и вакцината на „Астра зенека“, а министерот се уште не се вакцинираше.

Тој неколкупати досега изјави дека нема проблем да се вакцинира со вакцината на „Астра зенека“, а вчера повтори дека ќе се вакцинира со оваа вакцина откако Европската медицинска агенција ќе потврди дека е безбедна и за лица под 60 години.

Министерот Филипче рече дека ќе се вакцинира со првата вакцина што ќе стигне, без разлика која е, но и по неколку стигнати пратки, тој не е вакциниран

Додека министерот за здравство, премиерот и Владата кај нас даваат пример со пријавување во системот, земјите во светот вакцинацијата ја почнаа со политичари и функционери. Во декември премиерката на Србија Ана Брнабиќ меѓу првите ја прими вакцината, а за вакцинирање следуваа претседателот на Собранието Ивица Дачиќ, министерот за одбрана Алаксандар Вулин, епидемиологот Предраг Кан, а вакцината во јануари ја прими и министерот за здравство Златибор Лончар.

Во Албанија во јануари, годинава, вакцинацијата почна со вакцинирање на премиерот Еди Рама и началничката на Инфективната клиника Најада Чомо.

На првиот ден од вакцинацијата во декември минатата година вакцината ја прими и грчкиот премиер Киријакос Мицотакис.

„Се вакцинираме први за да покажеме дека вакцината е безбедна“, изјави Мицотакис кој вакцината ја доби заедно со медицинска сестра и пензионер.

Слични примери има во речиси сите земји кои ја почнаа вакцинацијата.

Денес, германската Влада, пак, за да ја зголеми довербата во вакцината на „Астра зенека“, на седница, ги повика министрите над 60 години да се вакцинираат со оваа вакцина, а министерот за внатрешни работи одби да ја прими.

Scroll to Top