Каракачанов: Македонските колеги сфатија дека Бугарија не се шегува

пред 4 години

Нема никакви разлики во политиката кон Република Северна Македонија. Нема никакви разлики помеѓу премиерот Бојко Борисов, министерката за надворешни работи Екатерина Захариева и мене, изјави утрово вицепремиерот и министер за одбрана на Бугарија, Красимир Каракачанов, по вчерашните средби со македонската делегација предводена од премиерот Зоран Заев која престојуваше во Софија.

„Вчера имавме корисни разговори кои започнаа во 10.00 часот и завршија нешто пред пет часот. Македонските колеги сфатија дека Бугарија не се шегува. Тие разбраа дека нема кој да нè притиска за да го смениме нашиот став“, рече Каракачанов и објасни:

„Она што е ново од вчера е што колегите од Скопје разбраа многу јасно дека сакаме јасни гаранции за спроведување на Договорот за пријателство од 2017 година и дека нема да го заобиколат. Дали ова ќе биде нов договор, анекс или протокол не е важно. Не брзаме, има уште неколку дена до донесувањето на конечната одлука“.

Каракачанов вели дека Бугарија ќе продолжи да ја поддржува Македонија.

„Јасно изјавуваме дека единствената нормална перспектива за РСМ е европска интеграција. Разговорот беше корисен, но задоцнет“, рече Каракачанов за Нова ТВ.

Според него, Македонија и политичката елита во Скопје изгубиле 30 години.

„Нема кој да изврши притисок врз нас. Нема да дозволиме фалсификување на бугарската историја. Бугарија е суверена и достоинствена земја“, повтори вицепремиерот неколку пати, пренесува Бгнес.

Scroll to Top