Маричиќ: Намалените судски такси ќе ги мотивираат граѓаните почесто да се обраќаат до судовите

пред 4 години

Максималниот износ на судски такси кои би можеле да го платите во еден судски спор е 6.000 денари, односно 36.000 доколку поднесете жалба, соопшти министерот за правда Бојан Маричиќ.

„Од денеска во сила стапува Законот за изменување и дополнување на Законот за судски такси, со кој граѓаните конечно добиваат големо намалување на трошоците кои ги имаат во судовите. Свесни бевме дека тие трошоци беа високи, а на луѓето на кои им беше потребна правда се откажуваа од тоа да ја бараат во судниците“, рече министерот Маричиќ.

Тој вели дека овие промени се во духот на Националната стратегија за намалување на сиромаштијата, бидејќи граѓаните често се откажуваат од судска заштита на своите права заради високите судски такси.

Според него, судовите не би требало да бидат финансиски погодени од намалувањето на таксите, бидејќи сега граѓаните ќе бидат охрабрени почесто да се обраќаат до судовите.

„Министерството за правда и јас како министер и во наредниот период ќе продолжиме да работиме за остварување на тоа што ви го ветивме, правда достапна за секого и правна држава во која сите ќе бидеме еднакви пред законите“, рече Маричиќ.

Scroll to Top