Министерството за здравство најави тужба против Андоновска за изјавите за вакцините

пред 3 години

Министерството за здравство најави дека ќе поднесе тужба против Марија Андоновска од ВМРО-ДПМНЕ во врска со нејзината прес-конференција за набавката на вакцините против сезонски грип.

„Најостро ги демантираме невистините изнесени на прес-конференцијата на ВМРО-ДПМНЕ од страна на д-р Марија Андоновска, во врска со набавката на вакцините против сезонски грип. Секоја година, Министерството за здравство на јавен и транспарентен начин објавува постапка за доделување на договор за јавна набавка преку електронскиот систем за јавни набавки која овозможува конкурентност и таквите постапки и се достапни на јавноста“, велат од МЗ.

Од таму велат дека објавата на тендерската документација, која ВМРО ДПМНЕ се обидува да ја поврзе со Министерството, е неточна, односно истата не е спроведена од Министерството, туку од Центар за јавно здравје Скопје, кои набавуваат вакцини за комерцијални цели.

„Со цел точно информирање на јавноста како би спречиле споделување на лажни информации, посочуваме дека двете постапки кои се објавени од Министерството за здравство, за 2019 година е со број на оглас 08685/2019 од 25.09.2019 година, а за 2020 година е со број на оглас 11316/2020 од 06.08.2020 година и во истите јавноста може да воочи дека спецификацијата е направена онака за да можат и двата производители, чии вакцини се регистрирани во државата, да учествуваат со своја понуда. Следејќи ги препораките на СЗО и Комисијата за заразни болести, една од ризичните групи опфатени со бесплатна вакцинација се децата од 6 месеци до 5 години. Нашата цел е да заштитиме што поголем број на деца. Вакцините кои се наменети за вакцинација на деца, доколку не се искористат, се пренаменуваат за вакцинација на другите ризични категории“, се наведува во реакцијата.

Денешните ставови на Андоновска, велат од МЗ, ќе бидат предмет на тужба пред граѓанскиот суд во Скопје.

Scroll to Top