Најстариот човек што се пријавил за вакцинација во земјава има 106 години

пред 3 години

Вкупно 47.779 лица постари од 70 години се пријавиле за вакцинација, според последните податоци од Министерството за здравство. Ова е за 3,5 пати помалку од она што беше предвидено во  Националниот план за имунизација, каде што пишува дека во првата фаза, по здравствените работници, треба да се вакцинираат „постари возрасни лица со висок ризик да развијат болест, компликации и смртен исход, дефинирани со ризик врз основа на возраст, лица постари од 70 години“.

Во оваа група, во Националниот план стои дека во државата има 170 илјади лица.

Нискиот интерес за вакцинација се препишува и на тоа што дел матични лекари се уште се немаат јавено кај своите пациенти кои имаат над 70 години, а голем дел од постарите не изразија желба за вакцинирање преку официјалната веб-страница.

Се очекува овој број да се зголеми кога ќе пристигнат вакцините во државата, а засега се чекаат вакцини од речиси сите производители, руската „Спутник“, американската „Фајзер“, кинеската „Синофарм“ и британската „Астразенека“.

Според податоците од Министерството за здравство, најголем број, односно над 26 илјади лица од оваа група, имаат од 70 до 75 години.

Најстарото лице од оваа втора група граѓани која треба да се вакцинира има 106 години. Седуммина од пријавените имаат од 100 до 102 години, а дури 1.255 луѓе имаат од 88 до 99 години.

Неизвесно е која вакцина ќе ја примат повозрасните лица, со оглед на тоа што во светот се уште се водат дебати во однос на тоа која вакцина е најбезбедна за нив. Имаше дебати во однос на безбедноста на вакцината „Астразенека“ кај повозразните лица, па оваа вакцина беше забранета во некои земји за лицата над 65 години. Слични дискусии имаше и околу вакцината „Спутник“.

Од Министерството за здравство велат дека се изготвуваат листите за вакцинација, додека утре се чека првата пратка од „Спутник“ која ќе биде доволна за да се вакцинираат 1.500 граѓани.

„Имунизацијата во државата ќе продолжи според Националниот план за вакцинација со здравствените работници и постарата популација. Според планот со пристигнување на другите дози вакцини ќе почне вакцинацијата низ сите здравствените центри во државата. Националниот тим за имунизација е во постојана коориднација и комуникација и ги изготвува листите за вакцинација согласно усвоената Национална стратегија и електронскиот систем Мој термин“, велат од Министерството.

Scroll to Top