Николовски во новите простории на Антикорупциската комисија: Лично се заложив да го добијат најдобриот простор

пред 3 години

Вицепремиерот задолжен за борба против корупцијата, Љупчо Николовски, денеска ги посети новите простории каде што ќе бидат сместени вработените од Државната комисија за спречување на корупција (ДКСК).

Просториите се наоѓаат во зградата на Службата за општи и заеднички работи (СОЗР), на три ката со вкупна површина од 2429,5 квадратни метри.

Новите простории и беа доделени на ДКСК, со одлука на Владата, а со цел непречено извршување на нивната работа.

„Изминатиов период лично се заложив за Комисијата да добие нови простории, и со одлука на Владата, ДКСК во оваа зграда доби три ката. Тоа се најдобрите простории со кои моментно располага државата, преку Службата за општи и зеднички работи“, изјави вицепремиерот Николовски.

Директорот на СОЗР, Пеце Мирчевски посочи дека Службата за општи и заеднички работи во најкраток можен рок ќе го спроведе задолжението добиено од Владата.

„Ние сме горди што можеме да придонесеме кон Акцискиот план за борба против корупцијата и со тоа да помогнеме кон спроведување на можеби и најважната определба на оваа Влада во наредиот период“, изјави Мирчевски.

Директорката на ДКСК, Билјана Ивановска изјави дека од голема важност тоа што се нашло соодвето решение за нови простории за Комисијата.

„Добро е што се најде конечно решение, а со тоа решение да одговориме на обврските пред меѓународната заедница којашто ни испорача помош во вид на опрема, сервери за коишто во овие простории најдовме соодветни услови. Во однос на другите предвизвици како што е обезбедување на софтвер, Владата донесе одлука за повеќегодишна набавка на тоа апликативно решение, за кое веќе распишавме тендер и во тек е постапката“, изјави Ивановска.

Во однос на Планот за борба против корупцијата, вицепремиерот Николовски посочи дека со ДКСК ќе се соработува во делот на мерката што предвидува измени на Законот за спречување на корупција и судир на интереси, со коишто измени е предвидено допрецизирање на судирот на интереси во делот кој се однесува на вршење на две или повеќе јавни функции, наведување на сите лица кои треба да достават анкетен лист до ДКСК, проширување на надлежностите на ДКСК во делот на носење и спроведување на Планот за интегритет и друго.

Scroll to Top