Османи: Имаме високи очекувања од ЕУ и активно се подготвуваме за стартот на преговорите

пред 4 години

Европската перспектива на Северна Македонија, добрососедските односи, регионалните иницијативи, очекувањата во периодот што претстои, како и дијалогот Белград-Приштина, беа тема на видеосредбата што денеска министерот за надворешни работи, Бујар Османи, ја имаше со Мирослав Лајчак, посебен претставник на ЕУ за Западeн Балкан и дијалогот Белград – Приштина. Како што соопшти МНР, во оваа прилика Османи посочил дека земјава високо ја цени улогата што од страна на ЕУ му е доделена на амбасадорот Лајчак како посредник во разговорите помеѓу Србија и Косово, како и на други прашања во регионот. – Како непосредни соседи на Косово и Србија, имаме особен интерес од успехот на дијалогот Приштина – Белград посредуван од ЕУ. Приближување на ставовите на двете страни и нормализацијата на односите меѓу двете земји ќе претставува огромен влог во стабилизацијата и европеизацијата на целиот регион, изјави Османи. Соговорниците разговарале и за европската перспектива на Северна Македонија, за добрососедските односи, регионалните иницијативи, како и за очекувањата во периодот што претстои. – Имав исклучително успешна посета на Брисел, на средби со Високиот претставник на ЕУ, Борел, како и Еврокомесарот за проширување Вархеји. Во очекување сме на Годишниот извештај од страна на Комисијата, како и на економскиот план за Западниот Балкан кој го најави Еврокомесарот Вархеји. Дома сме посветени на реформите, со акцент на владеењето на правото, како и на финализација на сите политички и административно-технички подготовки за стартот на преговорите до крајот на годината, истакна Османи, упатувајќи уверување до Лајчак дека земјата ќе биде навремено подготвена за одржување на првата Меѓувладина конференција и стартот на преговорите со ЕУ. Соговорниците се согласиле дека одржувањето на Првата меѓувладина конференција до крајот на годината е важна не само Северна Македонија, туку и заради пораката којашто ќе се испрати до целиот регион. Тоа, според нив, ќе претставува потврда дека политиката на проширување на ЕУ продолжува, но и дека вистинското инвестирање во реформите и во добрососедските односи значат и сигурен влог во подобра иднина за граѓаните. Текстот Османи: Имаме високи очекувања од ЕУ и активно се подготвуваме за стартот на преговорите е превземен од А1он .

Scroll to Top