Османи на средба со младите европски амбасадори: Младината е сила на едно општество и иднина на државата

пред 4 години

Министерот за надворешни работи Бујар Османи денеска оствари средба со младите европски амбасадори на ЕУ од нашата држава, кои се дел од иницијативата на Директоратот за проширување при Европската Комисија за вмрежување на 60 млади луѓе од различни земји од Западен Балкан, со потенцијал за лидерство за инспиративни промени во регионот каде што живеат.

Како што соопштија од МНР, фокус на средбата бил ставен на исклучително силните вредности кои младите ги поседуваат, за демократија, толеранција и социјална кохезија, важноста на нивните аспирации за обезбедување на достоинствен живот за сите и нивната посветеност на зачувување на мирот и стабилноста.

Притоа беа разменети мислења околу мисијата и поконкретните активности на оваа платформа, како и евентуалните можности за идна соработка.

-Младите носат нова енергија и ентузијазам, способност за учење на нови вештини и огромен талент. Младината е силата на едно општество и лицето и иднината на државата. Оттаму и нашите заложби нивниот глас да биде слушнат, нивните перспективи да бидат земени предвид при креирање на идни политики и активности, порачал Османи.

Според министерот, земјава уште еднаш покажува дека има потенцијал и квалитетни млади образовани и талентирани луѓе да бидат носители на инспиративни и позитивни промени во европски дух. А тоа е како што рече, од несомнено значење при нашиот напредок на патот кон ЕУ.

На средбата станало збор и за предизвиците во Северна Македонија и останатите земји од регионот поврзани со одливот на високо образувани и квалификувани млади луѓе, за зголемувањето на можностите за креирање поволни услови за квалитетен живот и нови работни места за младите луѓе, како и унапредување на претприемништвото помеѓу младите.

Во овој проект Северна Македонија е претставена од десет кандидати задолжени за продлабочено изучување и промовирање на европските вредности дома, а воедно и за создавање на нови мостови на соработка на регионално и на ниво со ЕУ, неминовно претставувајќи ја нашата земја низ тој процес.

Scroll to Top