Османи: Продолжуваме да бараме решенија со Бугарија, чекаме одговор на нашите предлози

пред 3 години

Ќе ја продолжиме комуникацијата со Владата во Софија и со другите земји членки на ЕУ за надминување на разликите со Бугарија и за почнување на пристапните преговори, изјави денеска на прес-конференција министерот за надворешни работи Бујар Османи.

Прашан за координацијата на владиниот тим задолжен за евроинтеграцијата во врска со идните чекори и насоките по кои ќе продолжат преговорите со соседна Бугарија, Османи рече дека координацијата со премиерот и со сите чинители во земјава уште во првите денови од годинава, се праќа порака дека македонската страна сака решение и оти за прашањето на ЕУ нема да изгубиме ниту еден ден, независно од разочарувањето кое го имавме со исходот во декември.

– Ние мора да продолжиме. И секој ден да го гледаме како можност за надминување на разликите и за одење напред во процесот. Го разгледавме календарот, ги разгледавме начините како новите констелации ќе влијаат на исходот, тоа што е јасно и е договорено дека продолжуваме со комуникација и со земјите членки и со Република Бугарија во обид да ги надминеме разликите, рече Османи.

Тој очекува уште денеска да се воспостави таа комуникација и што побрзо да добиеме одговор на нашите предлози.

-Сега е време да се добие одговор затоа што е почеток на годината и затоа што треба да се утврдат акциските планови на комуникација на линиските министерства и што побрзо стигне тој одговор, кој може да биде основа за усогласен акциски план со цел да почнат линиските министерства веднаш со имплементцаија на тоа што го има во акциксиот план. Јас се надевам дека брзо во наредните денови ќе има одговор на тој акциски план, рече Османи

Шефот на дипломатијата на денешната прес-конференција информира и дека е поднесено барање до Владата за отворање ново дипломатско конзуларно претставништво во Братислава, Словачка.

-Односите помеѓу нашите две држави се позитивни, се развиваат во позитивна динамика и има потреба да се отвори ново ДКП во Братислава, кое досега се покрива од ДКП во Виена, појасни Османи.

Scroll to Top