Паднал договор за државјанствата, Заев, Села и Гаши засега не откриваат што е договорено

пред 3 години

Премиерот Зоран Заев и претседателите на опозициските албански политички партии Алијанса за Албанците и Алтернатива, Зијадин Села и Африм Гаши на средбата во Собрание постигнаа договор околу измените во Законот за државјанство, но детали ќе се соопштат откако ќе се стави на хартија предлогот со точни правни формулации.

Законските измени предложени од Алијансата и АА предизвикаа политички клинч, откако власта ги одби, а двете партии за возврат блокираа неколку клучни законски решенија, поднесувајќи голем број амандмани.

-Завршивме и денеска со состанокот, верувам дека постигнавме договр. Ова што го договоривме ќе го ставиме на хартија, бидејќи има и правни формулации, за потоа да можеме и да ги соопштиме и самите детали, изјави Заев по средбата.

Тој рече дека ако сега го соопштат договореното, пред да го стават на хартија, „може да се направи различно видување во јавноста“.

На законското решение, како што рече Заев, ќе се работи веднаш.

-На предлог-законското решение ќе работат предлагачите, ќе го достават кај нас како извршна власт и веднаш ќе го преставиме пред јавноста, рече Заев.

-Веруваме дека има договор, тоа е вистинската формуалција, затоа што ќе ја видиме кога ќе ја ставиме на хартија. Решение се постигна, и не навлегувам во деталите. Има наративно усно решение, целта е да го ставиме на хартија, а денови се во прашање, само да се стави на хартија, додаде тој.

Ова беше трета средба на Заев со претставници на опозициските партии на Албанците околу законот за државјанство и за решавање на проблемот со немањето државјанство на одреден број граѓани, како и за одблокирање на работата на Собранието.

На средбата присуствуваа и министерот и заменик-министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски и Назим Буши, пратеничката Илире Даути од Алијанса за Албанците, како и министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Аријанит Хоџа, кој е од редовите на БЕСА.

Scroll to Top