Пазарниот инспекторат годинава планира 19 211 надзори, најмногу вонредни поради пандемијата, ризични секторите трговија и угостителство

пред 3 години

Државниот пазарен инспекторат планира годинава да спроведе 19 211 надзори, од кои редовни 3551 и вонредни 14 652. Според годишниот план предвидува и 1081 контролни надзори. Од Државниот пазарен иснепкторат во Годишниот план објавен на неговата веб-страница, наведуваат дека бројот на вонредни надзори е поголем поради состојбата со пандемијата, но дека доколку дојде до опаѓање или нејзино завршување, инспекторатот ќе даде приоритет на редовните инспекциски надзори.

Според предвиденото контролите ќе ги спроведуваат 141 државен пазарен инспектор и шест државни пазарни инспектори за безбедност на производи.

Од Инспекторатот во Годишниот план истакнуваат дека врз основа на анализи на претходните години, во оваа година , како ризични области и натаму остануваат угостителството и трговијата. Наведуваат дека најголем број неправилности се констатирани по Законот за трговија и Законот за угостителство.

Надзорите ќе се вршат кај правни и физички лица и други субјекти и се планира да бидат опфтени 30 илјади субјекти. Се постапува по претставки од граѓани и други институции, но и во организирани акции на ниво на Инспекторатот.

Активностите што ги преземаат се согласно Законот за Државен пазарен инспекторат со кој се уредуваат надлежностите и овластувањата, како и посебните закони и подзаконски акти од областа на трговијата, угостителството, туризмот, заштита на правата од индустриска сопственост во прометот, занаетчиството, заштитата на потрошувачите, безбедоност на производи и слично.

Во документот стои дека годинава се планирани повеќе вонредни надзори од редовните поради состојбата со пандемијата со Ковид 19. – Во момент на опаѓање или нејзино завршување во 2021 година ДПИ ќе направи измени и дополнување на Годишниот план за работа за 2021 година со давање приоритет на редовните инспекциски надзори, стои во Годишниот план.

Во годишниот план наведуваат дека во спроведување на активностите се соочуваат со фактори кои го отежнуваат работењето и негативно влијаат на спроведување на планираните инспекциски активности. Меѓу нив ги набројуваат недоволниот број инспектори, неповолната старосна структура на инспекторите со над 55 години, како и непостоење цели одделенија.

Scroll to Top