Повик за ангажман на 40 тутори за поддршка на ученици со попреченост

пред 4 години

До 15 октомври може да се пријават заинтересирани кандидати за тутори за поддршка на учениците со попреченост – стипендисти запишани во редовни училишта. Повикот за доставување пријави е наменет за 40 тутори од целата држава и е во рамки на проектот „Биди ИН, биди ИНклузивен, биди ИНклудиран“.

Целта е да обезбеди целосна и еднаква вклученост на децата со попреченост во редовните основни училишта. Во повикот е наведен описот на ангажманот на туторите, начинот на кој ќе се обезбедува поддршката, местото каде што ќе се реализира ангажманот, целите што треба да се постигнат кај учениците со попречености и условите за избор на кандидатите за тутори.

Работата со овие ученици ќе се одвива индивидуално или во мали групи, во зависност од нивниот број во определеното училиште и нивните индивидуални посебни потреби и препораките на МОН поврзани со КОВИД-19.

– Туторот не е обврзан да присуствува на наставата која ја спроведува наставникот. Од туторот се очекува да организира и спроведува средби индивидуално или во мали групи на ученици со попреченост – стипендисти онлајн или во директен контакт, во зависност од состојбите, потребите и можностите на корисниците и насоките на Министерството за образование и наука за безбедносните ризици предизвикани од КОВИД-19. Ангажманот на туторите ќе биде до четири часа дневно, се наведува во отворениот повик.

Од кандидатите се очекува да обезбедат поддршка на учениците со попреченост – стипендисти во текот на 22 месеца, во периодите: ноември-декември 2020; февруари – мај 2021; септември – декември 2021; февруари – мај 2022; септември – декември 2022 и февруари – мај 2023. За извршените обврски, предвидено е туторите да добиваат месечен надомест од 100 евра (бруто).

Заинтересираните кандидати треба да достават кратка професионална биографија и изјава за интерес на мејлот: [email protected]. Крајниот рок за доставување на апликациите е 15 октомври до 16 часот.

Проектот го реализира Фондацијата за образовни и културни иницијативи „Чекор по чекор“ во партнерство со Здружението за промоција и развој на инклузивно општество „Инклузива“ и Здружението за давање услуги на лицата со попреченост „Хендимак“, во соработка со Министерството за образование и наука и Бирото за развој на образованието и со финансиска поддршка од Европската Унија.

Scroll to Top