Полицајката која се „удри“ од пајакот даде отказ: Ми нанесоа неправди, за мене се партиски послушници

пред 3 години

Полицајката Јасмина Ангелеска која пред две години беше повредена додека со пајак-возилото му го кренаше непрописно паркираниот автомобил на високиот функционер во ДУИ, Бекир Асани, даде отказ од Министерството за внатрешни работи. За одлуката извести преку социјалните мрежи, појаснувајќи дека и се нанесени неправди од старешини кои ги нарекува партиски послушници. Полицајката Ангелеска во МВР работеше 18 години.

„Бидејќи ова е прв и последен пат јавно да пишувам за мојата кариера во МВР, решив да ставам слика во униформа која многу ја сакав и ја носев 18 години. Ајде да ја решиме дилемата, мојот стаж во МВР заврши. Јас повеќе не се пронаоѓав таму. Ми нанесоа неправди, зошто така се чуствуваа дека треба старешини во МВР (очигледно на некого не сум му се насмеала) а не зошто јас придонесов со моето работење. Тие старешини за мене ќе останат партиски послушници кои се на позициите пред се за личен интерес а и за пред луѓе, комшии, пријатели, да си ги излечат комплексите кои им се на високо ниво. Да не навлегувам околу нив, ќе треба многу да се пишува, има Господ за нив, нема да ги заборави, што кројат туѓи судбини само за покажување на моќ а не се свесни колку се немоќни, мизерни, неспособни, неписмени, неподобни. Со години покажуваат сила врз работниците и професионалците на штета на МВР а како што пишав, хранејќи си го гладното, мизерно его, а во МВР е хаос во секој поглед и во секој сектор од повисоките кругови“, пишува полицајката Ангелеска.

Таа појаснува дека и тие кои сакале да работат, не им било дозволено. Ангелеска вели: „Секоја наша постапка законска и секој успех беше дали ќе ми се одрази во кариерата или во најмала рака дали ќе ме пратат на дисциплинска каде повеќе од виш инспектор не седнал таму, зошто другите не грешат,’писмени се’?“.

„А и тие на таа дисциплинска се началници и старешини, судот на МВР.Кога ќе видиш, истиот те тужи, истиот ти суди.Тој систем повеќе неможам да го поднесам каде што дојде време на криминалците и лигушите-со исклучок на малкуте. Не е голема работа дека јас сум си заминала ,се ќе биде исто и без мене,се ќе функционира како и да не сум работела никогаш таму,ама друго ме плаши, самото незадоволство од сите вработени во министерството кои вложуваат, постапуваат, работат и ги казнуваат или пред нив се случуваат неправди благодарение на политиката и системот во државата и незадоволството, недовербата на граѓаните од полицијата. Дојде ред да си заминеш од онаму каде се ти е познато,каде се твоите намили,каде си стварал,каде си се родил за да одиш некаде само затоа што трудот и работата се гледа и цени.На сите колеги им посакувам успешна кариера и многу од нив ќе ми недостасуваат. Господ да е секогаш и секаде со вас и да ве штити ,па се гледаме во подобри времиња“, додава Ангелеска.

Обвинителството пред две години ја отфрли кривичната пријава против функционерот на ДУИ, Бекир Асани. Oбвинителот констатирал дека кривичното дело напад врз службено лице не може се гони по службена должност и ја затворил постапката против Асани. Според Обвинителството, немало докази дека полицајката Ангелеска била нападната, а притоа не постоела сериозна и остварлива закана кон неа ниту, пак, физички контакт за Бекири да биде гонет за физички напад.

И по две години, снимките кои „А1он“ ги бараше од МВР, па потоа и Обвинителството, не се доставени. Во последното писмено објаснување, од Обвинителството посочија дека снимките треба да се бараат од Центар за регулирање на сообраќајот.

Scroll to Top