Почна вакцинацијата против Ковид-19, голем дел од новозаразените се со британската мутација

пред 3 години

Вакцинацијата против Ковид-19 во земјава почна вчера во модуларната болница на Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби. Со вакцината на „Фајзер“ беа вакцинирани докторка и главна медицинска сестра од Клиниката за инфективни и фебрилни состојби, а потоа следеше и вакцинација на другите од таа јавна здравствена установа.

Засега планот е вакцинацијата да се одвива во Скопје, во Модуларната болница, а вработените во ковид-центрите од другите болници во текот на викендот и почетокот на следната недела ќе доаѓаат тука. Понатаму вакцините ќе се дисперзираат низ целата држава. Пунктот во модуларната болница, каде има шест вакцинални позиции работи во две смени од 8 до 20 часот, а вакцинацијата ја спроведуваат медицински тимови од Здравствениот дом Скопје. Досега се пријавени 4.000 здравствени работници за вакцинација, од кои околу 2.000 се во Скопје, а другите се во останатите градови. На секој здравствен работник кој примил вакцина веднаш му се резервира втора доза за ревакцинација.

Имунизацијата од Модуларната болница се врши со 4.680 од предвидените 8.000 дози вакцини од производителот „Фајзер“ кои државава го доби како донација од Србија. Со пристигнувањето на другите дози вакцини во државата, ќе се врши дистрибуција на вакцини низ останатите здравствени домови во земјава каде вакцинацијата ќе се спроведува во постоечките вакцинални пунктови. До крајот на месецов се очекуваат и 200 илјади вакцини од кинеската компанија „Синофарм“. Во земјава треба да пристигнат и дополнителни дози од „Фајзер“ кои се обезбедени од директните преговори со компанијата, како и дози преку Ковакс системот.

До вчера до 14 часот вкупно 53.070 граѓани беа пријавени за вакцинирање против Ковид-19 преку веб-страницата „vakcinacija.mk“, а преку матичните лекари 24.958 лица.

Во изминатите 24 часа беа регистрирани нови 347 заболени од Ковид-19. Направени биле 2383 теста. Во претходното деноноќие починале седум лица. Здравствените власти потврдуваат дека кај голем процент од новопријавените заразени е регистриран британскиот вид коронавирус.

Scroll to Top