Почна реконструкцијата на улицата „Никола Парапунов“ во Карпош 4, активностите ќе траат еден месец

пред 4 години

Започнува реконструкцијата на улицата „Никола Парапунов“ во населбата Карпош 4. Градот Скопје ќе го обнови коловозот во должина од 580 метри, кој ги поврзува булеварите „Илинден“ и „Партизански одреди“. Исто така, предвидена е реконструкција и на оштетените делови од тротоарите, но и замена на рабниците. На денешната прес конференција, градоначалникот на Општина Карпош, Стефан Богоев говореше и за други активности кои ги презема локалната самоуправа за подобрување на локалната инфраструктура. „Ја започнавме постапката за реконструкција на улицата „Вич“, со неколку краци – пристапи до згради. Минатата недела заврши реконструкцијата на улицата „Ловќенска“ 4 во Козле, претходно и на „Новопроектирана“ во Криви Дол, a беа обновени и краци на улици во Бардовци“, рече Богоев. На вчерашната седница на Совет, Општина Карпош ја започна и постапката за реконструкција на неколку улици во Карпош 1 и Карпош 2 и тоа: „Гиго Михајловски“, „Иван Аговски“, „Шекспирова“ и „Мирка Гинова“. Градоначалникот на Град Скопје, Петре Шилегов истакна дека градежните активности на „Никола Парапунов“ ќе траат 30 дена. „На оваа улица предвиден е и третиот конектор помеѓу главните велосипедски рути на бул. „Илинден“ и „Партизански одреди“. Сакам да им се заблагодарам и на граѓаните кои во овој период имаат разбирање за градежните активности кои се одвиваат во сите скопски општина“, рече Шилегов. извор: Makfax

Извор: vecer.mk

Scroll to Top