Првата дама во бајрамска посета на кумановското Инфективно одделение

пред 3 години

Сопругата на претседателот Стево Пендаровски, Елизабета Ѓоргиевска, по повод големиот муслимански празник Рамазан бајрам, денеска го посети Одделот за инфективни болести при Општата болница во Куманово.

Ѓоргиевска, како што информира Кабинетот на претседателот, била информирана за тековните активности и за предизвиците со кои се соочуваат здравствените работници во овој оддел. Во таа насока, таа ја нагласила нивната пожртвуваност, посветеност и висок професионализам, особено имајќи ги предвид сложените услови за работа наметнати од пандемијата на Ковид-19, притоа истакнувајќи ја неопходноста од одговорно и свесно однесување на сите граѓани, за побрзо надминување на глобалната здравствена криза.

За време на посетата, Ѓоргиевска се сретна и со медицинскиот персонал ангажиран во „Зелената зона“ на Модуларниот ковид центар, кои ја запознале со капацитетите и со интензитетот на нивната работа во услови на Ковид-19. Ѓоргиевска изрази увереност дека со намалувањето на бројот на заболени, за брзо време ќе се воспостави и нивното нормално функционирање.

Во духот на традицијата на празникот Рамазан бајрам, Ѓоргиевска со домашно подготвена баклава го почестила дежурниот медицински тим во Одделот за инфективни болести и во трите ковид – центри на Општата болница во Куманово.

Scroll to Top