„Репортери без граници“: Македонија две места погоре на листата, критики за државното рекламирање

пред 3 години

Две места повисоко, но критиките остануваат. Од 92-ро, Северна Македонија се најде на 90-то место на индексот на Репортери без граници (РБГ). Изминатата 2020 е претставена како вонредна година во Северна Македонија, во која беше распуштено Собранието, на власт дојде техничка влада, а предвремените парламентарни избори се одложија поради пандемијата.

Во најновиот извештај за слободата на медиумите во Северна Македонија се истакнува дека дополнителна компликација во известувањето е пандемијата на коронавирусот.

– Организациите кои ги претставуваат медиумите силно се спротивставуваат на предложените измени за државните и приватните медиуми во Законот за радиодифузија, со кои ќе се овозможи државно рекламирање во медиумите. Тие се противат сметајќи дека тоа ќе го охрабри клиентелизмот. Министерството за правда работи на нов закон кој треба да им обезбеди поголема сигурност на новинарите и медиумските работници, се нагласува во анализата на Репортери без граници за земјава.

На светско ниво, Репортери без граници констатираат дека новинарството е целосно или делумно блокирано во 130 од 180 рангирани држави во светот. На врвот на листата се скандинавските држави Норвешка, Финска и Шведска, а на последно место е Северна Кореја.

Scroll to Top