СДСМ: ВМРО-ДПМНЕ не сака да разбере дека пописот е статистичка, а не политичка операција

пред 3 години

Најавата на ВМРО-ДПМНЕ дека нема да го поддржи пописот е само доказ за нивното антидржавно и деструктивно однесување, реагира СДСМ на прес-конференцијата на Стефан Андоновски од ВМРО-ДПМНЕ кој кажа дека неговата партија нема да го поддржи пописот.

„Најавата на ВМРО-ДПМНЕ по којзнае кој пат дека нема да го поддржат пописот повторно го покажува нивното антидржавно, неодговорно и деструктивно однесување, спротивно на националните интереси. ВМРО-ДПМНЕ не сака да разбере дека пописот е статистичка, а не политичка операција, важен процес за да имаме целосни податоци кои се битни за креирање политики и натамошен рамномерен развој на сите сфери во државата“, велат од СДСМ.

Од партијата додаваат дека пописот ќе биде спроведен согласно сите стандарди и прописи на ЕВРОСТАТ, целосно усогласено со меѓународните пракси.

„Со Предлог Законот за попис, имаме за цел, оваа статистичка операција повеќе никогаш да не се третира како политичко прашање кое ќе зависи од волјата на партиите и партиските лидери, туку како оперативно-статистичко. Наводна загриженост на ВМРО-ДПМНЕ не е ништо друго освен очаен обид оваа статистичка операција да се одложи и дополнително да се политизира. Сите европски и светски стандарди се задоволени“, се наведува во реакцијата.

Од СДСМ велат дека од Државниот завод за статистка има целосно уверување дека сите стандарди се задоволени дури и повеќе од тоа и дека ќе се преземат сите можни мерки да се спречи двојно попишување.

„Попишувањето на граѓаните е законска обврска, а не желба на поединци и затоа во 2021 година, 19 години од последниот попис Република Северна Македонија ќе спроведе попис на населението“, велат од СДСМ.

Scroll to Top