Со премиерни изведби на „Херои 4:33“ завршува МОТ

пред 3 години

На 5 и 6 декември во рамки на „Млад отворен театар“ ќе се изведе македонската претстава „Херои 4:33“, во режија на Деан Дамјановски, а по текст на Сашо Димоски на Театарот „Ј. Хаџи-Константинов Џинот“ од Велес со што ќе се затвори и 45. издание на Меѓународниот театарски фестивал.

Изведбата е во живо, со присуство на публика, од 18 и од 19 часот и ќе се одржи во Младинскиот културен центар.

„Проектот „Херои 4:33“ всушност е своевидно продолжение на еден друг проект „Тој и Таа“ кој го работевме со Велешкиот театар ова лето и кој беше фокусиран на користењето на интернет технологијата во театарот. Проектот се состоеше од 12 интернет епизоди од материјали снимени од актерите, дома и потоа монтирани – сето тоа без никаква физичка интеракција меѓу учесниците, односно, без „физичко присуство“. Токму овој концепт за „присуство/отсуство“ кој е заложен во основата на театарот како медиум е основата за оваа театарска инсталација наречена „Херои 4:33“,  вели Деан Дамјановски.

Истражувањето на врската на „присуството/отсуството“ карактеристично за театарот како медиум се изведува преку употребата на различни медиуми во три специфични простори, изолирани едни од други. Гледачите, соодветно заштитени и водени еден по еден, како низ музеј, ќе бидат запознаени со нашите „експонати“, последните преживеани, пионерите на „новата реалност“. Стварноста што ќе биде претставена во секој од просторите, наликува на своевидна дистописка стварност, во која човештината отстапува пред сопствената опачина. Целото доживување, кое гледачот го има од инсталацијата, наликува на оние секунди пред почетокот на претставата, кога светлата во салонот ќе се изгаснат, а претставата сѐ уште не започнала, кога стварноста околу нас отсуствува, а сценската сѐ уште не се појавила. Просторот, костимите и музиката се во функција на доживувањето од овој меѓумомент на „присуство/отсуство“, кое трае нешто повеќе од 13 минути.

Scroll to Top