Средба Димитров-Шидер: ЕУ да покаже дека е сериозна кога зборува за проширување

пред 3 години

Потребно е да се упати јасна порака до граѓаните дека европската перспектива на државите од Западен Балкан е јасна, предвидлива и остварлива и дека ЕУ е сериозна кога зборува за проширувањето, порача вицепремиерот задолжен за европски прашања Никола Димитров на средбата со Андреас Шидер, европратеник и копретседавач со Мешовитиот парламентарен комитет на ЕУ за Северна Македонија.

На средбата како што соопштија од кабинетот на Димитров, била изразена благодарност за континуираната и принципиелна поддршка на Европскиот парламент на политиката за проширување на ЕУ со земјите од Западен Балкан, при што вицепремиерот Димитров се осврнал на Резолуцијата на ЕП за Северна Македонија што ги отсликува постигнатите реформи и демократските процеси на земјата и содржи позиција дека билатералните прашања не треба да го блокираат процесот на пристапување.

Притоа Димитров нагласил дека неодложно е потребно постигнување на консензус за преговарачката рамка и одржување на првата меѓувладина конференција на Северна Македонија со ЕУ, заради доследно спроведување на одлуката за почеток на пристапни преговори.

„Ги цениме заложбите на Европскиот парламент и вашите лични заложби за што поскоро официјално стартување на пристапните преговори, процес кој мора да се одвива во европски дух, со почитување на европските вредности како основи на процесот. Успехот ќе значи дека и ЕУ ги реализира своите одлуки и ќе даде поттик за продолжување на реформите и јакнење на демократските институции, не само во Северна Македонија, туку во целиот регион“, истакна Димитров.

Тој изразил цврста заложба за натамошна посветеност на реформите кои се дел од ЕУ агендата, не само заради натамошен напредок во евроинтегративниот процес, туку пред сѐ заради подобрување на секојдневниот живот на македонските граѓани преку пренесување на европските стандарди дома.

Scroll to Top