Судот НЕ МУ ДОЗВОЛИ НИТУ ЕДЕН СВЕДОК за одбрана на Миле Јанакиевски

пред 4 години

Денеска стана јасно зошто одбраната на поранешниот министер за транспорт и врски Миле Јанакиески ја повика јавноста, невладиниот сектор и претставници на меѓународниот фактор да присуствуваат на рочиштето за предметот „Насилство во Општина Центар“. Од тоа што се случуваше во судницата и Јустиција со затворени очи ке поцрвенеше од срам, барем во нормални демократски држави. Зашто, рочиштето наликуваше како да се одржува во време или во тоталитарна држава, без разлика дали станува збор за фашистичка или комунистичка, за време на Хитлер или на Сталин, на Пиноче или на Пол Пот. И ова, пред се, се однесува за обвинетиот Миле Јанакиески. Да, Миле Јанакиески речиси нема предмет на СЈО во кој не е обвинет за криминал или корупција. И да, Миле Јанакиески треба да одговара за стореното и тоа е работа на обвинителството и на судот да го докажат и осудат. Но, Миле Јанакиески не може, апсолутно не може да одговара за „Насилство во Општина Центар“. Зашто, и доказите на СЈО/ОЈО и исказот на Томислав Лазаров, кој ја призна вината и се јави во улога на сведок на обвинителството, се урнати како кула од карти со конкретни материјални докази. И целиот предмет ќе остане во аналите на судството по една работа – на Миле Јанакиески не му беше дозволен ниту еден сведок во негова одбрана, наспроти 22 на обвинителството, и му беа прифатени само 4 од 49 материјални докази. Со ова, уште во стартот е нарушено основното начело на еднаквост на оружјата на обвинителството и на обвинетиот. По денешното рочиште, судијата Душан Јосифов, кој ја водеше истрагата за сообраќајната несреќа на новинарот Никола Младенов, ќе биде или полковник или покојник. Или ќе се стави на страната на Законот, правото, правдата и судската пракса или ќе ги дозакопа! Миле Јанакиески и целиот предмет имаат предзнак на веќе видено. Зашто, односот на обвинителството и на судот во многу потсетуваат на случајот со поранешниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ, Војо Михајловски. Тој не можеше да го издржи постојаниот притисок и набавките за болниците преку Фондот за здравство ги плати со психички нарушено здравје. „Насилство во општина Центар“, пак, наликува или речиси е идентичен со настаните во Градското собрание при менувањето на имињата на скопските улици. Но, и на отворањето на Плаошник кога не се правеше разлика меѓу црковните знамиња, па ги поистоветуваа со партиски на ВМРО-ДПМНЕ. Истиот Плаошник без кој денес не можат да се замислат ни Охрид, ни Македонија. Обвинителството и судот денеска прифатија само четири материјални докази. Но, меѓу нив не се најде клучниот-уште една аудио снимка од разговор меѓу Јанакиески и екс-премиерот Никола Груевски од 1 јуни 2013 година, кој фрла сосема различна светлина врз настаните. Според објаснувањето на адвокатот Еленко Миланов, од неа може да се види дека Јанакиески ниту можел, ниту поттикнувал, ниту организирал било каква партиска средба за седниците на Советот на Општина Центар, како што тврди обвинителството и сведокот Томислав Лазаров. Зашто, на 3 јуни, значи неколку дена пред спорните настани, Јанакиески бил во Белград на заедничка седница на македонската и српската влада. Но, според Миланов, уште по спорно е што со неприфаќањето на оваа „бомба“ се поставува прашањето дали СДСМ ги предало сите аудио-записи од незаконското прислушување или, пак, обвинителството имало селективен пристап во нивното користење. А, дека таква „бомба“  постои е материјален доказ од прес-конференција на Саша Богдановиќ на која ја презентирал, а била пренесена и во медиумите. А, токму за оваа снимка обвинителството вели дека таа не била дел од доказниот материјал и немала важност за постапката. Но, Апелациониот суд во предметот за членовите на поранешниот состав на ДИК токму поради не доставување на сите аудио-докази на одбраната на обвинетите ја укина првостепената пресуда. Наспроти ова, пак, на обвинителството му е дозволено да приложи како доказ „аудио-бомба“, која со одлука на Одделението на претходна постапка при Основниот кривичен суд не смее да се употребува во судски процес! Јанакиески денеска приложи и доказ дека во моментот на случувањето на настаните во Општина Центар тој не бил ниту член на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, ниту на било кој скопски Општински комитет, па со тоа не можел ниту да организира било каква партиска средба. Тоа можело да го сторат само генералниот секретар на партијата или тогашниот претседател на Градскиот комитет, Ивица Коневски. Но, иако беа побарани да сведочат Кирил Божиновски, Ивица Коневски и Мартин Протугер, обвинителството и судот тоа не го прифатија. Дел од останатите обвинети денеска побараа како сведок да се јави и владиката Агатангел, зашто според нив тој јавно повикувал на протестите пред општина Центар, а како организатор се јавувала невладина организација, а не партијата ВМРО-ДПМНЕ. Но, обвинителството и судот ни тоа не го прифатија. Одбраната на обвинетата Даниел Рангелова приложи доказ дека таа станала претседателка на Унијата на жени на ВМРО-ДПМНЕ неколку месеци подоцна од одвивањето на настаните. А, исто така, приложи и листинг од нејзиниот телефон од кој може да се види дека за време на настаните немала комуникација со други од обвинетите или, пак, со повисоки партиски структури. За 24 септември се закажани завршните зборови на обвинителството, но во зависност од потребите, може да биде одреден уште еден термин за завршните зборови на одбраната и на обвинетите.

Извор: vecer.mk

Scroll to Top