Талат Џафери сведочеше за „27 април”

пред 4 години

Талат Џафери на 27 април 2017 година имал смртен случај во семејството, починал брат му и повремено доаѓал на седницата на Собранието и затоа немал лично сознание дали 31 пратеник доставиле писмо до претседавачот Трајко Вељаноски со барање седницата да продолжи и по истекот на нејзиното вообичаено времетраење.

Џафери кој денеска во Киривниот суд сведочеше на рочиштето за „Организаторите на 27 април“, кажа дека тогаш немало техничка можност претседателот на Собранието да исклучи пратеник од говорница и за тоа морал да побара да го направи режијата.

Во вкрстени испитување од обвинителката Вилма Русковска, Џафери посочи дека имало процедурално барање да се прејде на друга точка на дневен ред – за избор на претседател на Собранието, но не било ставено на дневен ред за гласање.

Прашан од адвокатот на одбраната Еленко Миланов, Џафери потврди дека претседавачот Вељаноски неколку пати побарал од пратениците да се откажат од говорот, но не можел да ги принуди на тоа.

Талат Џафери по сведочењето си замина од судот и не даде изјава за медиумите.

Изјава даде адвокатот Еленко Миланов, кој кажа дека Џафери денеска само потврдил дека Вељаноски работел според деловникот и немал техничка можност да ги исклучи пратениците кои говореле од говорницата.

Џафери беше единствениот што сведочеше на денешното рочиште. Претседателот на судечкиот совет, судијата Илија Трпков, рече дека е сослушан само Џафери заради обврски на обвинетиот Миле Јанакиески кој треба да присуствува и на други судења. Преостанатите сведоци ќе бидат сослушани на следното рочиште што го зкажа за 16 октомври во 10.30 часот

На претходно рочиште на 18 септември сведочеа неколку актуелни и поранешни пратеници на ВМРО-ДПМНЕ. Како сведок е повикан и поранешниот пратеник на Движењето Беса, Зеќирија Ибрахими, кој на 27 април 2017 години од говорницата на Собранието ја интонираше албанската химна.

Случајот за „Организаторите на 27 април” се наоѓа во доказна постапка. Овој предметот го води судијата Илија Трпков, а застапник на обвинението е Вилма Русковска.

Обвинети во овој предмет се поранешниот претседател на Собранието Трајко Вељаноски, ексминистрите за транспорт и врски и за образование, Миле Јанакиевски и Спиро Ристовски, како и поранешниот директор на УБК, Владимир Атанасовски. Тие се товарат дека сториле кривично дело „терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста“.

Scroll to Top