УХМР: Зголемен водостојот на повеќе реки, да се избегнува движење покрај нив, вечер повторно врнежи

пред 3 години

После синоќешните врнежи зголемен е водостојот на повеќето реки низ земјава, а на дел од нив има и значително високи водостои. Особено висок беше водостојот на река Радика кој за време на ноќта достигна висина од 177 см. на хидролошката станица Бошков Мост и бележи континуирано зголемување последните два дена (во кои има пораст од 100 см). Значително зголемен беше и водостојот на нејзината најголема притока, р.Мала Река, чиј водостој се зголеми за 50 см. во однос на вчерашниот и достигна 112 см. (на хидролошката станица Елен Скок). Водостојот на реката Сатеска се зголеми за 60 см. во последните два дена, информира Управата за хидрометеоролошки работи.

Пораст на водостојот имаа и водотеците кои доаѓаат од планинскиот масив Шар Планина (особено р.Бистрица и р. Маздрача), како и на водотеците од планинскиот масив Кораб (десните притоки на р.Радика). Од хидролошките станици се регистрира зголемен водостој и на р.Треска во Македонски Брод, каде има пораст на водостојот од 52 см. во однос на вчерашниот. Иако врнежите во источните делови од земјата беа послаби и таму се регистрирани зголемувања на водостоите, како резултат и на врнежите во изминатиов период таму кои ја зголемија влажноста на земјата и подготвија основа за поголема реакција на речните сливови (зголемен е коефициентот на истекување). Пораст на водостојот е забележан на р. Крива во Крива Паланка и на р.Пчиња на хидролошките станици во Пелинце и Катлановска Бања (каде се очекува натамошен пораст во текот на денешниот ден), посочуваат од УХМР.

Во вечерните часови и за време на ноќта се најавуваат нови врнежи, пообилни во западните делови каде на места локално се прогнозираат над 30 л/м2. Вкупно за наредните два дена во западните делови на места се очекува врнежите да надминат и 50 л/м2. Во тие делови од земјата се очекуваат значително вискои водостои, полнење на речните корита како и локални излевања. Ова особено се однесува на реките Радика, Сатеска, Коселска и Голема (Ресенска) во чии сливови се можни излевања. Исто така, висок водостој и полнење на речното корито се очекува на р.Треска, (каде се можни локални излевања во тој слив, во Пласница и на помалите притоки), а исто така и самата р.Треска се очекува да има полно корито. Зголемен водостој се очекува и во горниот дел од сливот на р.Црна и на нејзините помали притоки. Иако според моменталниот водостој се уште има простор за полнење, висок водостој се очекува и на р.Вардар во нејзиното горно течение, заедно со нејзините притоки во тој дел. Иако во источниот дел врнежите се очекува да бидат послаби, сепак висок водостој и можни слаби локални излевања се можни во сливот на реките Крива, Кумановска и Пчиња.

Од УХМР предупредуваат на крајно претпазливо и внимателно движење (по можност да се избегнува) покрај реките и суводолиците низ земјава поради опасност од нивно излевање. Ова најмногу се однесува на водотеците во западниот дел од земјата каде врнежите ќе бидат пообилни и има опасност од нивно излевање, но и на тие од источните делови каде се очекуваат високи вредности на водостоите.

Scroll to Top