Хелсиншки комитет: Профитирањето ја загрозува борбата со пандемијата

пред 3 години

По повод Светскиот ден на здравјето, кој се одбележува денеска, Хелсиншкиот комитет за човекови права ја реафирмира заедничката реакција на стотина организации од ноември 2020, со која се повика на ставање крај на профитерството во време на пандемија.

-Со оглед на тоа што посочените барања и препораки не наидоа на одговор од надлежните институции, а во моментов се наоѓаме во екот на третиот пандемиски бран, со секојдневно висок број на заболени, хоспитализирани и починати, повторно апелираме државата да воспостави регулативна рамка за утврдување на лекувањето поврзано со COVID-19 кое граѓаните го покриваат со лични средства во приватните здравствени установи, по примерот на определениот максимален износ за плаќање на учество со лични средства (партиципација) во јавното здравство во согласност со Ценовникот на здравствени услуги на Фондот за здравствено осигурување,  наведуваат од Хелсиншки комитет.

Воедно, предлагаат Фондот за здравствено осигурување да склучи договор со сите акредитирани лаборатории за здравствената услуга PCR тест за утврдување на присуство на вирусот SARS-CoV-2 или да овозможи покривање на трошоците односно нивно рефундирање и за здравствените услуги кои се блиску поврзани со следењето и проценката на здравствената состојба на пациентите со COVID-19, согласно утврдената пракса и медицината базирана на докази.

Scroll to Top