Царовска на панел-дискусија за заедниците: Создаваме образование кое нè учи да живееме едни со други, а не едни покрај други

пред 3 години

Министерката за образование и наука Мила Царовска денеска учествуваше на панел-сесија за состојбата на правата на припадниците на заедниците, која беше дел од панел-дискусија организирана од Агенцијата за остварување на правата на заедниците.

Како што информира Министерството за образование и наука, Царовска истакна дека секое дете во државата мора да има пристап до квалитетно образование кое е и основно човеково право и на тоа веќе се работи со подготовката на новата концепција.

– Токму оваа концепција на образование се заснова на инклузивност, родова рамноправност и интеркултурност. Ова образование треба да ги учи граѓаните да живеат едни со други, а не едни покрај други, само затоа што имаат различни мајчини јазици. За да ја постигне таа цел, основното образование ќе вклучува активности и содржини кои промовираат почитување на културната различност и интеракција меѓу учениците што се припадници на различни етнички заедници. На овој начин ќе создадеме граѓани кои имаат високи општествени вредности, но и општество за сите, рече Царовска.

Министерката истакна дека во рамките на двојазичните/тријазичните училишта се спроведуваат заеднички проекти и истражувања како дел од наставата по основните предмети и се реализираат заеднички часови по изборните предмети. Но со новата концепција ќе се воведе и рамномерен третман на сите застапени наставни јазици.

На панел-сесијата со министерката Царовска учествуваа и првиот вицепремиер за политички систем и односи меѓу заедниците Артан Груби, универзитетската професорка Ана Чупеска, директорот на Агенцијата за остварување на правата на заедниците Еран Куртиш и други експерти.

Scroll to Top