Царовска на состанок на министрите од Југоисточна Европа: Образованието брзо и успешно се приспособи на новите услови

пред 4 години

Министерката за образование и наука Мила Царовска учествуваше на меѓународен онлајн-состанок на министрите за образование од земјите од Југоисточна Европа, чиј домаќин е Министерството за национално образование на Република Турција.

Како што соопшти МОН, Царовска во обраќањето нагласи дека пандемијата го забрза процесот на дигитализација на образованието, раздвижувајќи го целиот образовен систем, и укажа на важноста од брзите и темелни реформи насочени кон квалитетно образование за сите деца.

– Покажавме дека можеме и во вонредни околности да организираме успешна настава и за исклучително краток рок да воспоставиме учење на далечина. Тоа ни беше многу важно затоа што секое изгубено време во учењето и развојот кај децата остава ненадоместливи последици не само за нив, туку и за државата. Во моментов над 90 проценти од учениците успешно следат онлајн-настава, а без проблеми се одвива и наставата со физичко присуство. Со добро осмислени протоколи, успеавме училиштата да не бидат трансмитери на заразата, рече министерката Царовска.

Пандемијата е тест за образовниот систем, но и можност за трансформација со цел учениците да стекнуваат знаења и вештини согласно современите трендови, посочи Царовска. Покрај во дигитализацијата и вложувањето во пристапот до ИТ-инфраструктура, Министерството за образование и наука силно е посветено во инвестирање во развојот на вештините на наставниците, како најважен фактор за квалитетот на наставата, потенцираше министерката.

Состанокот е организиран во рамките на процесот на соработка во Југоисточна Европа со цел, како што наведува МОН, да го поттикнe заедничкото дејствување во областа на образованието и да овозможи размена на искуства и знаење за да се минимизираат негативните ефекти од пандемијата преку нови приоди во образованието и да се обезбеди квалитетно образование на сите нивоа.

Scroll to Top