Центар за граѓански комуникации: Некои општини не наплатуваат данок на имот

пред 3 години

Општините просечно наплатуваат по 81 % од пресметаниот данок на имот, половина од парите од данок на имот се прибираат од Скопје, информираат од Центарот за граѓански комуникации.

Во нивните податоци од истажувањето за пресметан и наплатен данок на имот за сите општини за 2017, 2018 и 2019 година, стои дека сите општини заедно, просечно годишно наплатуваат по 1,3 милијарди денари, односно 21 милион евра за данок на имот од граѓаните и од фирмите. Просечната годишна наплата на овој данок се движи околу 81 процент.

Според податоците од центарот, значително поголем дел од данокот на имот се прибира од граѓаните, 70 %, додека од правните лица, односно од фирмите се прибираат останатите 30 %. Со тоа и успешноста во наплатата е поголема кај граѓаните и изнесува 85 %, а кај фирмите се наплатува по 78 % од пресметаниот данок, информираат од оваа институција.

Во анализираните три години, односно 2017, 2018 и 2019 година постои зголемување на износот на наплатен данок на имот. Сепак, за разлика од 2018 година кога порастот во однос на претходната година бил 12,5 %, во следната 2019 порастот бил само 2,5 %.

„Најголеми приходи од данок на имот има скопската Општина Центар, по околу 2,3 милиони евра годишно, а најмали, односно беа приходи по оваа основа е Општина Арачиново која не ни наплатува ваков данок, бидејќи нема база на податоци на даночни обврзници, ниту има формирано даночно одделение, поради што и не издава даночни решенија“, известуваат од Центарот.

Според нив, најуспешни во наплатата на овој данок се Росоман и Ресен, најмалку успешни, Студеничани и Маврово и Ростуше. По региони, највисок процент на наплата на овој данок има кај општините од Вардарскиот Регион, а најнизок од Полошкиот Регион.

Scroll to Top