Шахпаска-Која: ОБСЕ е голем поддржувач на политиките за заштита на граѓаните од дискриминација и насилство

пред 4 години

Поддршката и соработката со Мисијата на ОБСЕ за нашата држава е од големо значење, особено во делот на искуствата и експертизата која ја добиваме по многу прашања кои се во надлежност на Министерството за труд и социјална политика, истакна министерката за труд и социјална политика Јагода Шахпаска на денешната средба со шефот на Мисијата на ОБСЕ во Скопје, амбасадорот Клеменс Која и неговите соработници.

Законот за спречување и заштита од дискриминација кој е во собраниска процедура и формирањето на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација како независно тело министерката Шахпаска ги истакна како мошне значајни за обезбедување на заштита на граѓаните од секаков вид на дискриминација, во нашето општество. Во овој дел таа ја посочи одличната соработка со Мисијата на ОБСЕ во нашата држава.

Од страна на Шефот на Мисијата на ОБСЕ, амбасадорот Клеменс Која, како што соопшти МТСП, беше изразена поддршка и во останатите законски решенија кои треба да бидат донесени следниот период, тоа се Законот за заштита на жени жртви од насилство, Законот за работни односи и поддршка во имплементацијата на децентрализацијата и деинституционализацијата. Со цел обезбедување на квалитетни социјални услуги на локално ниво на оние на кои им е најпотребна, но и поддршка на лицата со попреченост како дел од процесот на деинституционализацијата.

На средбата, како што се наведува во соопштението, се разговарало и за предизвиците од пандемијата од коронавирусот, начините на справување со неа, економската поддршка и помош на компаниите и граѓаните, преку мерките кои придонесуваат за полесно справување со последиците од КОВИД 19.

Соговорниците разговарале и за започнатиот процес на регистрирање на лицата без лични документи кои најчесто доаѓаат од ромската заедница, со цел заокружување на тој процес и нивно ефикасно вклучување и во образовниот процес и на пазарот на труд.

Двете страни изразиле подготвеност за понатамошна соработка во сите сегменти кои се во надлежност на Министерството за труд и социјална политика во насока на заштита на граѓаните и нивните социјално економски права.​

Scroll to Top