Јанкулоска бара ослободителна за прислушкувањето: Совеста ми е чиста, јас сум жртва на овој монструозен процес

пред 3 години

Ексминистерката за внатрешни работи, Гордана Јанкулоска во своите завршни зборови пред судот во случајот „Таргет-тврдина“ кој се однесува на незаконското прислушкување и уништување на опремата од УБК, кажа дека нејзината совест е чиста, а делото за кое ја гонат не го сторила. Таа посочи дека судот може да ја задоволи правдата само ако донесе ослободителна пресуда за неа. Како што појасни, според неа, теоријата дека помогнала во уништување на опремата за прислушкување не е поткрепена со ниту еден доказ.

„Почитувани членови на судечкиот совет. Евидентен е притисокот кој се прави низ провладините медиуми за да објави вест дека има напредок во реформите во правосудството, дека има подобра статистика, дека има уште една затворска казна за поранешен функционер. Пред вас е предизвикот да одолеете на притисоците, праведно да ги изведете доказите и да ја задоволите правдата. Не дозволувајте нечија желба за политичка одмазда да ја потисне правдата. Мојата совест е чиста, кривичното дело за кое ме обвинува јавниот обвинител не сум го сторила. Единствена пресуда која ќе ја задоволи правдата е ослободителна пресуда“, рече Јанкулоска обраќајќи му се на судот.

Таа посочи дека е жртва на прислушкувањето, бидејќи нејзините телефони биле постојано слушани.

„Теоријата на јавниот обвинител не е поткрепена баш со ниту еден доказ. Јас лично сум една од жртвите на овој монструозен процес кој биле најмногу и најдолго прислушкувани. Фактот што јавниот обвинител не ми дозволи да се приклучам кон кривичното гонење, не ги побива исказите нас сведоците кои кажаа дека моите телефонски броеви биле следени по 24 часа. Ако од ниту еден документ кој ми бил доставен и ниту една комуникација која што сум ја имала, не укажувало на тоа. Сите сведоци недвосмислено потврдија дека од документите не произлегува дека предмет на уништување би била конкретна опрема, ниту пак решението упатува на тоа“, додаде Јанкулоска.

Јанкулоска посочи дека ниту правниот сектор, ниту лично таа знаеле што ќе се уништува во МВР, бидејќи решението за формирање комисија било донесено за попис, а не за по секоја цена да се уништи опрема.

„Јас имам најмалку мотив да помогнам за овој монструозен чин за масовно кршење на човековите права. Јас и моето семејство претрпевме и сеуште трпиме последици од незаконското прислушкување. Тоа почна со прислушкувањето и воајерско објавување на комуникациите. Присутни се и денес кога многу мои права се ограничени. Имам многу силен мотив овој скандал да се расчисти еднаш засекогаш и сторителите да бидат казнети. Тоа е една мала но не незначајна сатисфакција на жртвите. Во мојот случај, наместо сатисфакција добив обвинение и барање за долгогодишна затворска казна. Јавниот обвинител стави акцент на отежителни околности кога ќе се изрекува казната“, додаде Јанкулоска.

„Општествено политичкиот амбиент во 2015 година гледан од денешна перспектива изгледа многу различно од тоа како изгледаше тогаш. Од тогашната перспектива ОЈО-ГОК, во чие име денес се и овие јавни обвинители во судница имаше друга теорија на случај за незаконското прислушкување. Имаше и правосилна пресуда и не се предвидуваше дека ќе се формира СЈО и ќе заврши како што заврши. Впрочем и Ѓорги Лазаревски посочи дека тогаш бил побаран системот кој сега е уништен со сите материјали во него, но барањето било одбиено“, посочи Јанкулоска во своја одбрана, објаснуваќи дека вина има и кај правосудните органи бидејќи системот не бил одземен пред да е уништен.

Таа посочи дека и сведочењата и доказите пред судот, се во нејзина корист.

“Нема дилема дека решението за формирање на комисија во УБК е донесено по предлог и барање на УБК, а не по налог и насока на министерот. Ова решение било донесено во сосема вообичаена постапка. Сведокот од правниот сектор на МВР, Весна Доревска наведе: ‘Една од осовините обврски е да водам сметка за тоа што се доставува на потпис да има законски основ и да има основаност за потпишување, не само во овој случај, туку генерално како служба должни сме и секако се грижиме за содржината и формата, се што е поврзано од правен аспект. Значи истото да биде целосно проверено заради себе и министерот’. Таа наведе дека не знаеле дека станува збор за систем за следење на комуникации, па правниот сектор не дал вакво известување до мене“, додаде Јанкулоска.

 

Scroll to Top