Џафери на средба со хрватската амбасадорка Тигањ

пред 4 години

Претседателот на Собранието Талат Џафери, денеска имаше средба со хрватската амбасадорка Нивес Тигањ, на која тој ги потенцирал исклучителните билатерални односи меѓу Република Северна Македонија и Република Хрватска, за кои рече дека сподели очекува да продолжат со зголемена динамика и во наредниот период.

Џафери ја информирал амбасадорката со активностите на Собранието, изборот на комисиите, легислативната агенда, новите услови за работа поради пандемијата со Ковид-19, како и активностите сврзани со европската агенда. Како што се наведува во соопштението од собраниската прес-служба тој се заблагодарил за силната и континуирана поддршка што највисоките државни институции ја даваат на Република Северна Македонија на планот на европската интеграција на земјата и изразил очекување дека како НАТО сојузници ќе имаме плодна соработка.

Претседателот на Собранието ја реафирмирал и потребата од натамошна пријателска и конструктивна соработка и во мултилатералните и регионалните меѓународни организации.

Хрватската амбасадорка Тигањ го поздравила формирањето на Владата и функционалноста на Собранието и информирала за најавените претстојни активности меѓу државните претставници на двете земји во наредниот период, при што истакнала дека на Република Хрватска и се од особена важност напредокот на Република Северна Македонија кон Европската унија, како и негувањето на стабилен политички дијалог меѓу власта и опозицијата.

Тигањ, како што се посочува, понудила експертска помош на владино и парламентарно ниво во процесот на отворањето на поглавјата, на ниво на експерти кои можат многу да помогнат во градењето на капацитетите за преговори со Европската унија.

Соговорниците размениле и мислења и за развојот на економската соработка, потоа соработката меѓу воените индустрии и воената соработка меѓу двете држави, како и можностите за унапредување на меѓупарламентарната соработка и споделување на заедничките искуства од надворешната политика и парламентарната дипломатија, се наведува во соопштението.

Извор: a1on.mk

Scroll to Top