Албанија: ЦИК ги повика партиите да се откажат од острата реторика што ја користат, во Фиер каменувани партиски седишта

пред 3 години

На месец пред парламентарните избори, што ќе се одржат на 25 април, политичката реторика во Албанија, во последните денови почна да ги преминува границите, поради што Централната изборна комисија (ЦИК) преку соопштение ја искажа загриженост, од последиците кои може да ги предизвика ваквото неодговорно однесување.

Таа и ги повика политичките партии „да се воздржат и да бидат претпазливи во нивното однесување и во политичките и изборните пораки“.

-Треба да се има предвид дека однесувањето и реториката на лидерите и политичките претставници директно влијае на нивните поддржувачи, како и на кршењето на изборните стандарди во нашата земја. Острата реторика и контрадикторното однесување не се во интерес на граѓаните за одржување слободни, фер и демократски избори, услов за европска интеграција на земјата, порачува комисијата.

ЦИК исто така повикува на меѓусебно почитување на конкурентите.

-На прагот сме на почеток на изборната кампања, затоа кандидатите и политичките партии мора да ги почитуваат своите конкуренти. Изборите се за граѓаните и изборната кампања е главниот / централниот фактор во формирањето на мислењето на гласачите, затоа правото на граѓаните да го формираат своето мислење независно и без влијание, како и нивното право да имаат слободни избори, мора да биде испочитувано, наведува ЦИК.

Според комисијата фер изборна трка, под еднакви услови и почитување на потребните изборни стандарди е во служба на демократскиот развој на земјата.

Во меѓувреме,како што пренесува Ора њуз, освен острата реторика, во градот Фиер со тврди предмети каменувани се и искрени прозорците на просториите на ограноците на владејачката Социјалистичка партија и на опозициската Партија за правда и единство.

Scroll to Top