Анализа на АП: Трамп се соочува со продлабочена криза на веродостојноста

пред 4 години

АП, Вашингтон

Белата куќа се соочува со прашања во врска со доследноста и веродостојноста на информациите што ги дава за здравјето на претседателот Доналд Трамп по меговиот прием во болница зарази инфекцијата со коронавирус.

На еден месец пред претседателските избори претседателот Доналд Трамп се соочува со продлабочената криза на веродостојноста, како и неговата здравствена криза, во време кога довербата во јавноста му е најпотребна.

Инфекцијата со коронавирусот на претседателот, како и болеста на неколкумина негови соработници и сојузници, им се закануваа на највисоките нивоа на американската Влада. Напорите на Белата куќа во саботата да дејствува смирувачки дадоа зачудувачки негативен одговор, што резултираше со серија збунувачки и контрадикторни информации за здравјето и состојбата на врховниот командант. Обидот во неделата за „исчистување“ на овие негативни ефекти едвај ја зголеми довербата, а докторот на Трамп изјави дека се обидува да има „оптимистички став“ за претседателот, откривајќи детали за неговата состојба, за кои претходно не зборуваше.

Овој момент всушност се создаваше со месеци наназад, како судир на повторениот пркос на Трамп кон упатствата за заштита од неговата администрација за време на пандемијата и неговото добро познато непочитување на фактите. Резултатот е длабока несигурност за Американците во кого и во што да веруваат во врска со здравјето на националниот лидер во еден опасен момент од историјата на САД.

-Ова е поголемо од Доналд Трамп. Станува збор за институцијата претседател, рече Роберт Гибс, кој беше прв прес-секретар на Белата куќа на претседателот Барак Обама.

За секој претседател, во криза е најважен кредибилитетот – способноста да се соберат Американците од сите политички убедувања околу општо прифатеното разбирање на ситуацијата. За претседател на работ на изборите, особено оние што се одржуваат во ваква бурна година како 2020 година, тоа може да биде разликата омеѓу да се има еден или да се освои и втор мандат.

Трамп, сепак, нашироко го расфрлаше својот кредибилитет уште од почетокот на неговото претседателствување, минувајќи го целиот свој прв ден на функцијата оспорувајќи ги официјалните податоци за бројот на луѓе на неговата инаугурација и барајќи од Американците да ги игнорираат фотографските докази кои покажуваат дека привлекол помалку луѓе на плоштадот во Вашингтон од неговиот претходник.

Оваа епизода го даде тонот и на остатокот од неговото владеење, додека самиот Трамп создаде „алтернативни реалности“ околу големите и малите проблеми, засилени со помошта на пријателските медиуми. Често пати се фалеше со записи и пресвртници што не постојат. Тој ширеше неосновани гласини за неговите политички противници, вклучително и изјава без докази дека Џо Бајден, неговиот ривал од Демократската партија во претседателската кампања во 2020 година, може да биде дрогиран за време на нивната ТВ дебата.

Кредибилитетот на Трамп беше под уште поголем јавен увид за време на пандемијата, најголемиот поединечен тест за неговото претседателствување. Тој постојано јавно ја минимизираше опасноста од вирусот, и покрај тоа што во февруари приватно му рече на новинарот Боб Вудвард дека Ковид-19 е поубиствен од грипот. Тој советуваше непроверени и штетни третмани, вклучително и сугерирање дека Американците можат да се „вакцинираат“ со белило врз база на хлор (варикина).

Затоа веќе во април, само неколку недели откако пандемијата ги погоди САД, само 23 проценти од Американците изјавија дека имаат високо ниво на доверба во информациите што претседателот ги објави за вирусот, покажува анкетата на АП-НОРК, Центарот за истражување на јавни работи.

Како што се приближува денот на изборите, Трамп се повеќе ги исмева упатствата за јавното здравје, па дури и многу научници кои ја советуваат неговата администрација, желен да ги убеди гласачите дека поминала најлошата пандемија што ги зафати речиси сите аспекти од американскиот живот.

Трамп со недели ја обиколуваше земјата, одржувајќи големи митинзи и организирајќи ги во Белата куќа без социјална дистанца и без да бара од гостите да користат маски.

Во градината на Белата куќа минатиот викенд се одржа и масовна церемонија за најавата за номинацијата на Ејми Кони Барет за судија на Врховниот суд. Неколкумина присутни на митингот, вклучувајќи и двајца сенатори и сопругата на Трамп, Меланија, потоа објавија дека се позитивни на коронаворусот.

Тие, како и самиот претседател, сега се меѓу над седумте милиони заразени Американци, од кои досега умреа над 205.000.

Се уште не е јасно како Трамп се заразил. Тој во петокот на Твитер објави дека со неговата сопруга се позитивни на вирусот, а следната вечер со претседателски хеликоптер беше префрлен во воената болница „Валтер Рид“ во близина на Вашингтон. Единствените детали што Белата куќа ги соопшти беа дека приемот во болница е претпазливост и дека симптомите на Трамп се лесни.

Белата куќа во саботата се обиде да додаде детали со телевизискиот брифинг на докторот на Трамп, кој во розови тонови се обоидуваше да претстави слика за неговата состојба, нагласувајќи дека тој продолжува да работи, да оди самостојно и нема потешкотии при дишењето. Но, д-р Син Конли забележливо одбиваше да даде некакви специфични детали, вклучувајќи го и постојано поставуваното прашање дали на претседателот некогаш му требал кислород.

Набргу потоа и надвор од камерите, началникот на канцеларијата на Белата куќа, Марк Медоус, на новинарите им даде приказ, слика што предизвика поголема загриженост од таа на лекарот. Откако ден претходно симптомите на Трамп ги опиша како „лесни“, Медоуз кажа дека состојбата на претседателот е „многу загрижувачка“. Иако неговата здравствена состојба се подобруваше, Медоус рече дека следните 48 часа ќе бидат критични.

Д-р Конли во неделата сепак призна дека се обидел да биде „оптимист“ во своите првични проценки. Но, на неговиот втор брифинг откри колку тој молчел: дека на претседателот во петокот утрината навистина му бил потребен дополнителен кислород и дека во саботата на претседателот му биле дадени стероиди поради второто опаѓање на нивото на кислород.

Конли во неделата изјави дека не знае дали Трамп има потреба од дополнителен кислород во саботата и дека ќе мора да ги праша медицинските сестри за тоа. Тој избегна и прашања во врска со резултатите од прегледот на белите дробови на Трамп.

И покрај тоа, Конли кажа дека претседателот веќе денеска, понеделник, може да биде ослободен од болницата „Валтер Рид“.

За оние кои се уморни од постојаниот недостаток на отвореност на Трамп и непочитувањето на вистината, постои мала надеж дека наредните денови ќе донесат поголема јасност.

-Ова се урнеци на ова претседателство, а за Трамп тоа се животните урнеци, изјави Питер Венер, републиканец, кој служеше во администрацијата на претседателот Џорџ В. Буш и е критичар на Трамп. „Нема причина да веруваме дека тој или неговиот близок круг ќе се сменат“, додаде тој.

Scroll to Top