Бајден прифати, Трамп одби да учествува во виртуелната предизборна дебата

пред 4 години

Американскиот претседател Доналд Трамп денеска изјави дека нема да учествува на втората претседателска дебата, што треба да се одржи виртуелно, додека штабот на неговиот демократски противкандидат Џо Бајден објави дека тој прифаќа ваков вид дебата.

– Јас нема да учествувам во виртуелна дебата. Нема да губам време на виртуелна дебата, изјави Трамп за Фокс Бизнис откако Комисијата за претседателски дебати објави дека настанот ќе се одржи виртуелно, затоа што претседателот е заразен со коронавирусот.

Заменичката на менаџерот на кампањата на Бајден, Кејт Бедингфилд, во соопштение наведе дека поранешниот потпретседател со нетрпение очекува да може директно да му се обрати на американскиот народ и да ги спореди неговите планови за повторно обединување и градењето на државата со „неуспешното лидерство на Доналд Трамп за време на епидемијата на коронавирусот“ кое, како што оцени, ја фрли силната економија што ја наследи во најтешката криза од Големата депресија.

Комисијата за претседателски дебати денеска соопшти дека втората дебата на претседателските кандидати Доналд Трамп и Џо Бајден ќе биде виртуелна, откако Трамп беше позитивен на коронавирусот.

– Втората претседателска дебата ќе биде во форма на градски состаноци, на кои кандидатите учествуваат од различни оддалечени локации, се вели во соопштението на Комисијата.

Втората дебата е закажана за 15 октомври, а нејзин модератор ќе биде Стив Скали, извршен продуцент и политички уредник на мрежата Си-Спан Нетворкс (C-Span Networks).

Scroll to Top